Голманот на македонската фудбалска репрезентација, Столе Димитриевски, сними моден едиторијал за шпанскиот онлајн магазин 25Gramos, во соработка со „Минишоп Мадрид“. Столе, које голем љубител на модата, во разговор за „Репортер“ вели дека не размислувал многу кога му понудиле да направи фотосесија.
„Минишоп е продавница од Мадрид каде што се промовираат нови креатори, а креираат и самите сопственици на продавницата. Дечките ги знам одамна, пријатели ми се и ми понудија соработка што ја прифатив. Сега заедно спремаме нешто ново што ќе го реализираме после летото“, ни кажа Столе.
Тој во интервјуто, кое е насловено „Фудбал и мода со најдобро облечениот голман во Ла Лига“, зборува за кариерата, но и за љубовта кон модата и кафето. Вели дека отсекогаш сакал да се облекува убаво и различно од другите, но дека долго време експериментирал додека да го пронајде својот стил.
„Сакам да бидам иновативен, сакам да го подобрувам стилот. Мајка ми исто така сака мода и мислам дека е во голем дел заслужна за мојот вкус за облекување. Модата е во моите гени“, вели голманот на Рајо Ваљекано.
А.Ј