Ива Пројковска е првата Македонка, интернационална ФИФА-судијка, која е во елитната група на најдобрите 20 судии во Европа. За себе вели дека го сака фудбалот од дете, но и воопшто спортот. „Да се биде ФИФА-судија, значи голема одговорност, пред сѐ, и можност да бидам дел од големите европски и светски натпреварувања“, вели Ива во интервју за „Репортер“. Да се биде судија е голем предизвик, особено, вели таа, кога некој доаѓа од мала држава како Македонија. Вели дека ѝ е чест што е првиот судија во елитната група и дека ова е само почеток на остварувањата на нејзините соништа и испишувањето уште многу историја за македонскиот фудбал.
„Ја сум многу строга во она што го работам и тоа ме разликува од другите. Едноставно, имам свои принципи во животот и сакам правилата да се почитуваат. А се разбира, мора некој да биде лошиот во приказната и баш тоа сум јас“, вели Пројковска.
Ива дипломирала на Полициската академија во Скопје, на криминалистичко-криминолошката насока. Постдипломски студии запишала на форензичка физика на Природно-математичкиот факултет и безбедносни науки на ФОН, но сепак работи како фудбалски судија.
„Криминалистиката и сѐ што научив при студирањето ми помага полесно да се справам со сите предизвици на фудбалските стадиони. Го сакам фудбалот и воопшто спортот, ја сакам и правдата, логичкото размислување, да поврзувам настаните и да ги откривам сторителите на прекршоци и веројатно успеав да го најдам спојот помеѓу двете работи“ открива првата македонска ФИФА судијка.
Секој натпревар има посебно значење во нејзината судиска кариера, но посебно е горда на последниот натпревар од четвртфиналето во Лига на шампиони жени помеѓу екипите на Волфсбург и Арсенал на кој имало околу 13.000 гледачи, како и полуфиналниот натпревар на кој била како 4 судија помеѓу Лион и ПСЖ каде што прв пат ја добила можноста да биде дел од оваа фаза на најелитното клупско натпреварување.
Ја навративме Ива на нејзините почетоци кои започнале од судење на детски лиги каде што вели се чувствувала збунета и со надеж дека побрзо ќе завршат.
„Како главен судија знам дека беше натпревар од детските лиги во Драчево – кој играше не знам меѓутоа контролорт Ацо Мировски – Шац ме натера да го отсудам тој натпревар, за кој денес сум му многу благодарна. Пред тоа како асистент судија почнав во четвртата лига на ОФС Гази Баба, натпреварот се играше во Скопско поле, а со кого играше домаќинот не се сеќавам“, раскажа Ива.
За анегдоти од теренот вели има многу, а како најинтересна е онаа кога била гледач на еден натпревар па седела меѓу дел од навивачите на Вардар кои почнале да го пцујат главниот судија. “Една од пцовките беше поврзана со жена му (а судијата беше млад, неженет), па им се обратив и им реков, повелете јас сум му жена. На тоа навивачите престанаа да го пцујата судијата и после неколку минути почнаа да навиваат: “Жена ти е фраер судија, судија, судија”, вели Ива.
А кога си судија тука се и непријатните ситуации од терен во кои треба да знаеш како да се справиш. Не се исклучени и честите навреди кои се упатуваат кон судиите.
„Со играчите полесно се справуваме поради тоа што на теренот смееме да доделуваме дисциплински мерки, а публиката само си ја покажува својата спортска култура и домашното воспитување“.
Да се биде судија на терен треба и да имаш добра кондициона подготвеност, па токму затоа таа има редовни тренизи, вкупно седум во неделата.
„Често знам да спортувам со моите пријатели. Во зависност од годишните времиња и временските услови планинарам, возам велосипед, играм пинг понг, пливам, скијам, веслам“, раскажа Ива.
Дрес кодот на судијките на фудбалскиот терен е унифициран, но сепак има разлики во зависност на какво првенство се суди.
„Имаме дресови во најразлични бои и брендови, во зависност дали се работи за натпреварите од домашното првенство, УЕФА натпреварувања или ФИФА. Стандардната опрема ни е дрес, шорц, штуцни и копачки, додека на натпреварите најчесто одиме casual, а додека на меѓународните натпревари одиме со опрема со логото на УЕФА. Бојата на дресот ја избираме во зависност од боите на домашната и гостинската екипа. Судиите секогаш треба да се разликуваат од сите останати играчи“, вели Ива. Наспроти стилот на облекување на терен, приватно таа најчесто преферира кежуал коминации.
„Зависи од пригодата. Најчесто носам патики и искрено најсигурна сум во нив, меѓутоа и добри високи потпетици ми се составен дел од животниот стил“, рече Ива за „Репортер“.
Кога ја прашавме за хоби, рече дека има и е малку несекојдневно.
„Собирам алкохолни пијалоци од сите земји каде што патувам. Се разбира за пиењето се задолжени другарите и другарките“, вели Ива.
Габриела Додевска