Постојат голем број на поставки и процеси кои се неопходни за нормално функционирање на уредите со оперативниот систем Windows. Важно е да знаете кои никогаш не треба да ги менувате или бришете.
Еве преглед на најважните поставки и процеси за компјутер со Windows низ кои не треба да поминувате освен ако не сте прилично сигурни дека знаете што правите.
1. Windows Registry
Понекогаш е неопходно да се уреди регистарот за Windows за да може да се исклучи одредена функција, да се овозможи флуидно функционирање на софтверот или да се отстрани проблем што не можеме да го решиме поинаку.
Иако ова може да биде корисно, работење со регистарот на Windows треба да им се препушти на луѓето кои се добро упатени во оперативниот систем на Microsoft и да се одлучат за тој потег дури откако ќе пробаат сè друго што е достапно.
Имено, доколку постапката не се изврши правилно, лесно може да се случи да ви се забави работата на компјутерот, да се намали безбедносната стапка, да се ограничи пристапот до корисни опции и слично. Можеби ќе треба дури и повторно да го инсталирате Windows.
2. Автоматска надградба на Windows
Оневозможувањето на автоматските надградби на оперативниот систем исто така треба да се избегнува секогаш кога е можно. Надградбите обично носат нови функции, го забрзуваат вашиот компјутер, ги елиминираат откриените грешки и подобро го штитат компјутерот од малициозен софтвер.
Со вклучена опција за автоматско надградба, можете да бидете сигурни дека нема да заборавите да ги преземете. Затоа, не ја исклучувајте опцијата повеќе од една или две недели – и тоа ако баш морате.
3. Firewall
Defender (заштитен ѕид) на Microsoft се користи за блокирање на неовластен пристап до вашиот компјутер со препознавање и блокирање на малициозен софтвер (или барем ве предупредува за него).
Ако го исклучите, го изложувате вашиот компјутер и се што чувате на него на разни ризици за кои можете скапо да платите. Затоа, не го исклучувајте. И ако одлучите да го сторите тоа, инсталирајте ја соодветната заштита.
4. Command Prompt
Command Prompt им овозможува на подобро информираните корисници на Windows да извршуваат специфични задачи користејќи ги соодветните команди.
За да биде можно ова, во повеќето случаи ќе треба да доделите администраторски привилегии на Command Prompt. Ова ќе ви овозможи пристап до сите датотеки во Windows со кои инаку не би можеле да бидете во интеракција.
Затоа, не ја стартувајте таа апликација од извори на кои не можете да им верувате и не правете нешто во неа што не знаете или не сте сигурни што ќе направи. Не е можно да ги вратите сите промени што сте ги направиле со помош на Command Prompt.
5. Потребни процеси и датотеки
Никогаш не бришете или исклучувајте датотеки и процеси клучни за работата на Windows. Пред да одлучите да избришете, проверете за што навистина служи датотеката што сте сакале да ја избришете. Истото важи и за процесите во Task Manager.
6. Програми од несигурни извори
Апликациите и друг софтвер од несигурни извори може да пристигнат со вируси и да го заразат вашиот компјутер. Windows Defender ќе ги блокира повеќето, но не сите. Затоа, секогаш преземајте софтвер од страници на кои можете да им верувате и уверете се дека датотеките што ги преземате се безбедни.
Доколку вашиот Defender или друга слична програма ве предупреди за можна закана, отстранете ги спорните датотеки од вашиот компјутер, пишува Make Use Of.