Бочварски – Китанов: Градиме модерна патна инфраструктура за жителите на Кавадарци

пред 4 години

Градежните работи за модернизација на патната инфраструктура во државата се одвиваат со добра динамика. Денеска сведочиме на завршувањето на еден доста значаен проект за граѓаните на Кавадарци и околината, кој е резултат на заедничката соработка меѓу локалната и централната власт, а тоа е рехабилитација на Транзитниот дел на Кавадарци. Дополнително, преку проектот за локални патишта, Министерството за транспорт и врски додели 1,1 милион евра за санација на улици и патишта во оваа општина“, истакна министерот за транспорт и врски Благој Бочварски, кој денеска заедно со директорот на ЈП за државни патишта Зоран Китанов и градоначалникот на општина Кавадарци Митко Јанчев, изврши увид во градежните за работи за реконструкција на регионален пат Р1103 Транзит – Кавадарци. Транзитниот дел на Кавадарци се рехабилитира во должина од 1,2 километри, инвестиција со вредност од околу 50 милиони денари, од кои 18,7 милиони денари се обезбедени преку ЈП за државни патишта и 31 милиони денари кои ги инвестира Општина Кавадарци. Градежните работи се во завршна фаза, во моментов се работи на асфалтирање на патот и во текот на следната недела рехабилитацијата ќе биде комплетно завршена, два месеци пред рокот предвиден со договорот. „Продолжуваме со модернизација на целокупната патна инфраструктура во државата. Покрај изградба и рехабилитација на автопати, магистрални, експресни и регионални патишта, преку Проектот за поврзување на локални патишта силно инвестираме во подобрување на локалните патни мрежи во внатрешноста на општините, преку реконструкција и санација на голем број локални патишта и улици. Станува збор за еден сериозен проект во вредност од 70 милиони евра, од кој произлегуваат низа успешни приказни и кој е од огромно значење на квалитетот на живот на граѓаните. Во рамките на овој проект општина Кавадарци доби на располагање 1,1 милион евра и во првиот тендер што е во фаза на евалуација, ќе се работи на реконструкција на три улици: Илинденска, Пионерска и Браќа Џунови, со вкупна вредност од 374 илјади евра. Во вториот тендер, општина Кавадарци влегува со реконструкција на две улици со вкупна вредност од 220 илјади евра: улица Дисанска и Западен Булевар“, изјави Бочварски. Директорот на ЈП за државни патишта Зоран Китанов истакна дека граѓаните на Кавадарци конечно добиваат нов, безбеден и модерен влез и од страната на Неготино.

Share
Scroll to Top