Силекс и Македонија ЃП ќе се борат за трофејот во Купот

Силекс и Македонија ЃП ќе се борат за трофејот во Купот

пред 3 години

Фудбалерите на Македонија ЃП и Силекс, утре на нашиот најголем стадион, ќе се борат за трофејот во 29.финале во Купот на Македонија. Силекс го брани трофејот освоен минатата година. Екипата од Кратово ќе се бори за четвртиот, Македонија ЃП за вториот трофеј во Купот.

„Сите знаете дека Силекс минатата сезона испадна, меѓутоа го освои Купот и ние сме бранители. Ние сме првиот второлигаш во едно финале. Како екипа се собравме минатата сезона, работите во Втората лига си ги завршивме навреме и тоа ни беше приоритет. Верувам дека кој и да игра утре ќе го даде максимумот. Го респектирам противникот, до последното коло беше во игра за Европа преку лигата. Ни се отвори шанса да играме за титула, тука сме и верувам дека пред се ќе победи фудбалот, а кој ќе биде подобар, ќе видиме. Фаворитската улога не би требало некому да му се дава, затоа што ова е финале и се е отворено. Меѓутоа, блага предност има противникот, затоа што тие, сепак, доаѓаат од повисок ранг. За мене ова е трето финале, едно освоив, едно загубив со Тетекс, па зошто да не биде трета среќа?“, изјави тренерот на Силекс, Горазд Михајлов

„Македонија ЃП сосема заслужено е во финалето од Купот на Македонија, но знаеме што не очекува во пресметката со Силекс. Ги елиминиравме Академија Пандев, Шкупи и Струга, и сосема заслужено сме во мечот за титула. Мислам дека имаме квалитет и можеме да го освоиме трофејот. Имаме голема почит кон Силекс, тим кој е актуелен освојувач на Купот, без разлика на тоа што оваа година влегоа како второлигаш во финалето. Направивме добра анализа, гледавме повеќе нивни натпревари. Се работи за одличен тим, воден од тренер со којшто знаат што сакаат на теренот. Силекс условно се прошета во Втората лига, така што очекувам доста интересен натпревар, но јас верувам во мојот тим. Имаме квалитет, за мене ова е прво финале како тренер, двапати го имам освоено пехарот како играч, се надевам сега ќе успеам и како тренер. Вакви натпревари не се играат секој ден, треба да излеземе на терен и да уживаме“, вели предводникот на екипата од Ѓорче Петров, Муарем Бајрами.

Силекс и Македонија ЃП финалето ќе го започнат во 18 часот.

Фото/FFM.mk

Share
Scroll to Top