Парадата на гордоста ќе се одржи на 25. јуни, најавена е и забава на стадионот на АРМ

пред 2 години

Националната мрежа против хомофобија и трансфобија денеска одржа прес-конференција посветена на овогодишното издание на Скопје Прајд, кое ќе се одржи на 25 јуни под мотото „Излези за љубов! Достоинство. Еднаквост. Правда“.

var ai_block_div = document.getElementsByClassName (‘ai-viewports’); ai_insert_code (ai_block_div [ai_block_div.length – 1]);

За разлика од претходните две паради на гордоста, годинава времето на одржување се поместува во попладневните часови. Почетната точка, како и досега, ќе биде во паркот „Жена-борец“, каде во 17 часот ќе започне собирањето на учесниците, а во 19 часот по кратките поздравни говори ќе започне протестниот марш по скопските улици и ќе заврши со културно-забавна програма на стадионот на АРМ во Градскиот парк.

„Зошто повикуваме да се излезе за љубов? Затоа што во време на криза, војна и сиромаштија, лесно се заборава на љубовта, а омразата уште полесно ги окупира мислите и срцата на луѓето. Затоа што само со љубов можеме да се спротивставиме на насилството на кое различните се подложени и тогаш кога за сите други владее мирот. Затоа што никој не смее да биде лишен од правото да љуби или, пак, да биде прогонуван поради тоа што нивната љубов не е признаена со норми и закони. Затоа што љубовта мора да победи“, изјави Катерина Иванова за темата на годинешниот Скопје Прајд.

Стефан Петровски се осврна на барањата за достоинство, еднаквост и правда: „Во нашата држава и натаму се гази по достоинството на ЛГБТ+ луѓето – постојано се мета на омаловажување, дехуманизирање и говор на омраза во јавниот и политичкиот дискурс. Имаат отежнат пристап до остварувањето на човековите права, нивните гласови и потреби често се занемарени во креирањето на политиките, а конзервативно скроената национална легислатива ги доведува во нееднаква подредена позиција наспроти нивните хетеросексуални цисродови сограѓани. Предметите за документираните злосторства од омраза кон нив се заглавени во умствените и правните лавиринти на обвинителството, а трендот на неказнивост на сторителите на насилство го нормализира и охрабрува таквото однесување“.

Потребата од одржување паради на гордоста ја образложи Кочо Андоновски:

„Многу нешта, во многу земји, се променија од првиот Прајд одржан 1970 година во Њујорк. Но, напредокот на полето на правата на ЛГБТ+ луѓето не е изедначен, ниту пак е доволен, а постојано е соочен со напади од сили кои се противат на универзалните човекови права. Скопје Прајд, како и другите паради на гордоста, е празник на љубовта, ден на видливоста на маргинализираните и, секако, повод за славење на жилавоста на нашата борба за еднаквост“.

Скопје Прајд 2022, според организаторите, ќе понуди богата културно-забавна програма, со музички настапи во живо, настапи на дрег кралици од земјата и регионот и ДЈ-сетови. И годинава, традиционално, програмата ќе ја отвори македонската претставничка на Евровизија, Андреа, а ќе настапи и нашата поп-дива и оперска пејачка Наде Талевска – Спасовска.

„На Скопје Прајд ги славиме сексуалниот и родовиот диверзитет и ја промовираме квир културата. Па така, и овој Прајд сигурно ќе биде уникатно искуство, за што, меѓу другите, ќе се погрижат фантастичното трио дрег кралици од соседна Србија, Alex Elektra, Dita Von Bill и Lana Vee, од преку океанот, од Њујорк (САД) ни доаѓа уште една дива, Ronda Vu, додека од нашата земја ги имаме нејзиното дрег височество Divon Jane и другарката Linda Socialista која е решена да го уништи патријархатот со нежно треперење на нејзините лажни трепки“, додаде Иванова осврнувајќи се на програмата во која се вбројуваат и ДЈ-сетови на Андреј Мицајков, Јана Тодоровска, Мартина Пенева и Џинџер.

Програмата на стадионот на АРМ ќе започне во 20:30 и ќе трае до 1 часот по полноќ.

Share
Scroll to Top