Петмина ученици од средното стручно училиште „Михајло Пупин“, за поголема безбедност на велосипедистите, направија иновација со која им се олеснува движењето во сообраќајот. Наместо покажувањето знаци со рацете, тие измислија електронска сигнализација со дисплеј поставена на задниот дел од велосипедот.
„Оваа година тимот од пет ученици беше дел од националниот натпревар за најдобри ученички компании. Нашиот тим се состои од учениците Дори, Дијана, Фидан, Никола и Горјан. Добар тим е половина завршена работа, дополнително со насочување и истражување во текот на учебната година успеавме со учениците да направиме уред за електронска сигнализација за велосипеди. Мене ми е чест и задоволство што работам со талентирани и амбициозни ученици“, рече Стефана Христоска, менторот на ученичката компанија, за Репортер.
Учениците ова превозно средство го користат често, а она што најмногу им пречи додека возат велосипед во градска средина е недоразбирањето што настанува при престигнување друг велосипед, кое се случува поради недоволна сигнализација, како и паркираните возила на велопатеките.
Никола Атанасовски, кој е дел од тимот, зборува за идејата. Секојневни случки додека вози велосипед го инспирирале да дојде до оваа иновација.
„Тргнувам од мене. Често возам велосипед како во градот така и на некои непристапни места. Можам да посочам една случка. Возев на кејот на Вардар и се обидов да престигнам друг велосипедист. Но, во моментот кога тргнав да го престигнувам, тој сврте и не даде никаков сигнал. Во ваква ситуација може да дојде до несреќа“, раскажува Никола.
Фидан Маџовски во прокетот за создавање на иновативната електронска сигнализација бил задолжен за хардверскиот дел, при што требало да изработи плочка со печатено коло и да ги залеми компонентите.
„Нашиот уред е составен од три кутии. Централната кутија, каде што е сместена батеријата, плочката со печатено коло на која имаме прекинувач. Втората кутија е кутијата со џоистик, од каде што се даваат команди на дисплејот, кој преку кабли што се ставени во термособирачко црево се носат сигналите до кутијата со дисплеј и со одредена функција на џоистикот сигналите се печатат на дисплејот“, вели Фидан.
„Овој производ главно служи за сигнализација при возење на велосипедот, но може да се користи и за инвалидските колички, при што принципот на функционирање е идентичен како и кај велосипедистите“, рече Горјан Јанковски.
Средношколците не застануваат тука. Тие размислуваат и за надградба на оваа иновација, која ќе им биде од помош на сите корисници на велосипедот како превозно средство.
„Наша цел е да го надградиме овој производ, но исто така да создадеме уште многу производи што ќе ни помогнат нам, но и на сите наши другари, соученици или кој било што учествува во сообраќајот“, вели Дијана Бошковска.
Средното стручно училиште „Михајло Пупин“ електронската сигнализација ја претстави на натпреварот за најдобар бизнис-план во рамките на програмата за ученичка компанија, кој има цел идејата на учениците да се реализира и да има практична примена.
„Веќе четврта годна го организираме овој натпревар на најдобар бизнис-концепт, што го изработуваат во рамките на програмата за ученичка компанија, програма поддржана од УСАИД и Фондот за иновации и технолошки развој со име на проектот ‘Поддршка за претприемничко образование во Европа и Евроазија’. Дел сме од една голема мрежа на светската организација ‘Јуниор ачивмент’, која постои 103 години и сите работиме на полето на претприемничко образование, финансиско описменување и подготовка на младите за идни работни места. Натпреварот е круна на сè она што се случува во учебната година. Во септември се обучуваат наставниците за да може да ги менторираат овие млади луѓе. Вклучени се еднакво и гимназии и средни стручни училишта. Идејата за производ и услуга доаѓа од самите ученици. Натпреварот се одржа во мај, бевме 20 ученички компании од 13 града и сите имаа прекрасни иновативни идеи и навистина ѝ тешко на жири-комисијата за тоа која од идеите да ја избере“, вели Љупка Панчевска, извршен директор на „Јуниор ачивмент Македонија“.
Габриела Додевска