Сателитите на Илон Маск кои ги испраќа во орбитата помагаат, но и создаваат проблеми

Сателитите на Илон Маск кои ги испраќа во орбитата помагаат, но и создаваат проблеми

пред 2 години

Компанијата на Илон Маск Space X, лансирала 1000 сателити во орбитата. Многумина тврдат дека ги виделе и дека милијардерот има за цел да овозможи побрз интернет од вселената на луѓе кои живеат на поодалечени места на Земјата во подрачја без брз интернет, пренесе Би-би-си.

„Има луѓе кои живеат на вакви места и во Велика Британија, но и во поголемиот дел од светот. Таков пример се оние кои живеат на континентот Африка“, рече Лусинда Кинг, менаџер на вселенскиот проект на Универзитетот во Портсмут.

Сателитите на Маск летаат во ниско во орбитата околу Земјата, за врската меѓу нив и површината на Земјата биде подобра. Но, потребен е голем број  вакви сателити за да се осигура целосна покриеност на целиот свет. Се смета дека „Старлинк“ од 2018 година има испратено околу 3.000 сателити, а се очекува оваа бројка да достигне и до 10.000 или 12.000.

Користењето на сателитите ќе го реши проблемот на воспоставување интернет-врска на далечни локации како што се пустините и планините без изградба на голема инфраструктура.

Во споредба со стандардните интернет-врски, „Старлинк“ нималку не е евтин. На корисниците им се наплаќа по 99 долари месечно. Антените и рутерот потребни за поврзување со сателитите, чини 549 долари. 96% од домаќинствата во Велика Британија имаат пристап до брз интернет, како и 90% од семејствата во ЕУ и САД.

„Поголемиот дел од развиениот свет веќе е добро поврзан, така што ‘Старлинк’ се потпира на приходите од помалите пазари“, рече професор Саид Мостешар, од Институтот за вселенска политика и право на Универзитетот во Лондон.

Компанијата објави дека има 400.000 претплатници во 36 земји кои во моментов ги покрива, главно од Северна Африка, Европа, Австралија и Азија. Следната година планира да ја прошири покриеноста во Африка и Јужна Америка, а потоа и во Азија, каде покриеноста на интернет е нерамномерна.

„Цените на „Старлинк“ може да се превисоки за многу домаќинства во Африка, но би можело да помогне во поврзување на училиштата и болниците во тамошните оддалечени подрачја“, рече Крис Хол.

Сателити на Маск можат да помогнат и во Украина. Руските сили во Украина ги исклучија сите интернет-услуги во обид да ги блокираат социјалните мрежи. Маск одлучи „Старлинк“ да биде достапен во Украина по почетокот на војната.

Околу 15.000 сетови антени и рутери веќе се испорачани во Украина.

„Старлинк ги одржа јавните услуги и функционирањето на владата. Русите не пронашле начин да ги онеспособат“, рече Хол.

„Старлинк“ исто така е користен и на военото поле.

„Украинските сили го користат за комуникации меѓу штабовите и единиците на терен. Неговите сигнали не можат да бидат попречени како обичните радиосигнали, а потребни се 15 минути за поставување“, рече доктор Марина Мирон, истражувачка по одбранбените студии на колеџот „Кингс“ во Лондон.

„Старлинк“ има и конкуренција, како што е OneWeb и Viasat, кои исто така нудат сателитски интернет-услуги и поставуваат илјадници сателити во нискиот дел на Земјината орбита.

Тоа ќе доведе до проблеми, смета Саид Мостешар.

„Тој простор се чини дека станува сѐ помал и помалку безбеден во смисла на судар на сателитите. Сателитите би можеле да се удрат едни во други или да удрат во други вселенски летала и да се создаде вселенски отпад, кој би можел да предизвика поголема штета, кога летате со голема брзина“, рече тој.

Неодамна се случија неколку блиски средби, вклучително и на сателитите на „Старлинк“, со кинеската вселенска станица.

„Ако има премногу фрагменти, ниската Земјина орбита би можела да стане неупотреблива во иднина. Можеби нема да можеме да излеземе од ниската Земјина орбита во повисокиот дел, каде се наоѓаат голем број наши навигациски и телекомуникациски сателити“, рече доктор Кинг.

Сателитите на „Старлинк“ создаваат проблеми и на астронимите. При излегувањето и заоѓањето на Сонцето може да се видат со голо око, затоа што во тие моменти е видлив отсјајот на Сонцето кој се создава на нивните крила. Тоа може да предизвика линии на сликите од телескопите и да го попречат погледот на ѕвездите и планетите.

Share
Scroll to Top