Симон Трпчески: Ми се исполни детскиот сон да имам концерт во родното село на татко ми

Симон Трпчески: Ми се исполни детскиот сон да имам концерт во родното село на татко ми

пред 2 години

Виртуозот на пијано, маестро Симон Трпчески на 27 август одржа концерт во Збажди родното село на неговиот татко, на планината Караорман. Пред околу 3.000 луѓе, Симон и петмина врвни музичари, направија претпремиера на проектот „Македонисимо“. Трпчески не крие дека му е дамнешна желба да одржи концерт во селото каде што одел често како дете и среќен е што конечно си го исполни сонот.

„Навистина е тешко да се најдат вистински зборови да се опише величественото чувство од концертот што го одржавме во пресрет на големиот празник Богородица и селската слава во селото Збажди, кое е родно село на мојот татко. Навистина сум фасциниран од самата енергија што ја создаде публиката, дојдоа во огромен број на едно тешко пристапно место, околу три илјади луѓе, но се уверија дека и на вакви места со прекрасна природа и прекрасна енергија може да се направат одредени невозможни мисии, а тоа се случува само кога работите се прават од срце“, рече Симон во разговор за „Репортер“.

Светскиот пијанист вели дека концертот на Караорман е само најава за останатите што ќе ги одржи низ Македонија во септември за да го промовира „Македонисимо“.

„Ова е проект посветен на македонскиот народ и мислам дека народот тоа го почувствува. Многу ми е мило и благодарен сум не само на мештаните и сите оние што потекнуваат од селото и целата околија, туку и на луѓето што нè изненадија и дојдоа од сите краишта на Македонија. Тоа беше просто неверојатно, нè опсипаа со љубов и тоа уште повеќе нè мотивираше мене и моите колеги, кои се собраа од три страни на Европа да дојдат во Збажди. Ова беше исклучителен подвиг, на вакво место да се организира концерт“, вели Симон, кој свиреше со Александар Краповски на виолина, Александар Сомов на виолончело, Хидан Мамудов на кларинет, саксофон и кавал Хидан Мамудов и Влатко Нушев на удиралки.

Тој е исклучително благодарен на сите што помогнале да се одржи концертот, здружението Културоп, „Пипл медиа“, ДВД 5, на црковниот одбор во селото Збжди, при црквата Св. Богородица.

„Најголем виновник и поддржувач на оваа дамнешна идеја и желба, не само моја, туку и на мојот татко и на мојата фамилија, е господинот Новко Плаќеноски, кој се заложи овој концерт да стане практично светски настан“, додава Симон.

По концертот во Збажди, тој замина Швајцарија, каде што ќе свири на фестивалот во Сион, а потоа во Цирих ќе настапи со проектот „Македонисимо“ во „Тонхале“, една од најпрестижните европски концертни сали.

Андријана Јовановска

Share
Scroll to Top