Кралот Чарлс Трети ја предводеше поворката со ковчегот на кралицата Елизабета Втора, која се движеше од палатата Холирудхаус до катедралата Свети Џајлс во Единбург во Шкотска. Во катедралата телото на кралицата ќе лежи до вторник вечерта.
На кралот му се приклучија и останатите деца на покојната кралица, принцезата Ана и принцевите Едвард и Ендру. Сите освен принцот Ендру беа облечени во воени униформи со одличја.
За оваа прилика, Чарлс носеше целодневна свечена униформа со чин фелдмаршал и фелдмаршалската палка која му ја дала мајка му кога му бил доделен чинот во 2012 година.
Голем број народ беа собрани додека поворката се движеше низ улиците на Единбург. Ковчегот на покојната кралица беше обвиткан со Кралскиот стандард на Шкотска и покриен со венец од цвеќиња, кој се состои од исушен бел хер од Балморал.
На ковчегот беше поставена шкотската круна на кралицата. На црковната служба за благодарност на кралицата во катедралата во Единбург присуствува и британската премиерка Лиз Трас, првата министерка на Шкотска Никола Старџен, како и претставници на советот, членови на вооружените сили, воени ветерани, судски и конзуларни функционери.
За потсетување, погребот на кралицата ќе се одржи во Лондон во понеделник на 19 септември.