Минијатурните станови од само неколку квадратни метри станаа секојдневие во многубројни светски метрополи, каде што трошоците за живот се високи, а побарувачката е исклучително висока. А Лондон е еден од тие градови.
Сепак, мал стан не мора да биде синоним за пренатрупан простор, каде што не можете да се движите. Тоа го докажа архитектонското студио „Студиомама“, кое реши да реновира минијатурна еднокатна куќа во Ислингтон, северен Лондон, во удобно место за живеење.
Архитектите Нина Толструп и Џек Мама реконструираа поранешна такси-канцеларија од само 13 квадратни метри земајќи инспирација од дизајнот на кампери и помали јахти. Иако многумина веруваат дека ова е најмалата куќа во Лондон, сепак има простор за бања со тоалет, кујна со трпезарија, спална соба, па дури и простор за работа и релаксација.
Тајната се крие во мултифункционалниот мебел од иверка, кој се приспособува на потребите. Големата гардероба, на пример, крие кревет на преклоп, кој може да се подигне и спушта по желба.
Трпезариската маса со клупа за две до четири лица може да се прошири и да се претвори во место за ручек за шест лица. Од шкафот можете да извадите и биро што виси, кујнска површина за сечкање зеленчук и клупа за истегнување на нозете по долг работен ден.
Ова место изгледа како пријатно место за живеење благодарение на големите прозорци, кои пропуштаат многу дневна светлина, но и неутралните бои на мебелот.