Поп-пејачката Елена Ристеска ја сними песна со италијанскиот диџеј Сперадајз за да одбележи 20 години кариера. Таа во 2002 година се појави на аудицијата на М2 и на 22 декември победи на изборот за прва македонска „М2 ѕвезда“.
Новата песна на Елена е на англиски јазик, Hard to be in Love. Ја издаде „Арџента рекордс“ од Италија. За песната е направен и анимиран спот.
„Соработката со диџеј Сперадајз почна пред повеќе од една година кога тој бараше соодветен вокал и мелодија за неговата тогашна трака. Откако голем број пејачи пробаа да ја изнесат песната, единствено Елена успеа да ја испее според идејата на Франческо“, вели тимот на Ристеска.
Текстот на песната е на Елена, а аранжманот е на македонскиот продуцент и композитор Лазар Цветковски во соработка со Алесандро Ло Нигро.
Ова е прва песна на Елена по неколку години пауза. Таа последните години е посветена на бизнисот за производство на парфеми и козметика „ЕРА“, а од неодамна работи и како менаџер на неколку млади пејачи.