Во Куманово ќе се одржи средба на колекционери на мини автомобили

Во Куманово ќе се одржи средба на колекционери на мини автомобили

пред 2 години

На 17 декември во Куманово ќе се одржи прва колекционерска средба на модели на автомобили, во организација на Die-Cast Club. По долг период онлајн дружење, Aце Дејановски, Никола Серафимовски, Јовица Џелевиќ и Ненад Петровски, одлучија да организираат настан за сите љубители и колекционери на минијатурни модели на автомобили во секаков размер.

Oвие модели на автомобили популарно се нарекуваат die-cast, а самиот израз доаѓа од начинот како се изработуваат. Се работи за процес на леење на некои видови метали како што се: легура на алуминиум, цинк или олово.

Моделите на автомобили постојат речиси исто толку долго колку и вистинските автомобили. Првите примероци на моделите датираат од доцните 1800-ти. Во 19. век популарни беа моделите на возовите, кои се изработуваа паралелно со реалните примероци и го следеа технолошкиот развој. Со иста динамика почна и развојот на моделите на автомобилите. Како растеше автомобилската индустрија и целата таа технологија, така производителите на играчки го пратеа целиот тој развој и ги создаваа моделите на автомобилите.

„Во последните 120 години, милиони деца почнаа да ги поседуваат овие намалени копии на вистински автомобили, без разлика дали си играат со нив или ги чуваат како колекционерски парчиња. Меѓу првите производители на вакви модели се Meccano и Corgi. Во почетокот овие модели беа едноставни и се состоеја од мала каросерија на автомобил или камион со тркала, но немаа внатрешни детали. Моделите се изработуваа од олово или легура на цинк. Поради одредени нечистотии во самите легури, доаѓаше до пукање или распаѓање на лиењето. Тоа е една од причините зошто е исклучително ретко да се најдат модели од пред Втората светска војна во добра состојба. Со развојот на индустријата растеше и квалитетот на изработка, па почнаа да се произведуваат со внатрешни детали, со отворање на вратите, багажникот и хаубата, а за да се добие што пореална реплика на вистинскиот модел“, велат организаторите.

Во Македонија се среќаваат модели од Bburago, Maisto, Hotwheels и Matchbox, а меѓу колекционерите се среќаваат и модели произведени од АUTO Art, Norev, Solido, Greenlight, Jada Toys, Johnny Lighting, DeAgostini, MINI GT и други.

Колекционерската средба на модели на автомобили ќе се одржи во Домот на занаетчии во Куманово, со почеток во 18 часот.

Share
Scroll to Top