Samsung формираше сосема нов тим за дизајнирање и развој на сопствени чипови.
Бизнисот на Samsung со паметни телефони е управуван од компанијата (дивизија) Mobile eXperience (MX), додека чиповите Exynos се дизајнирани од System LSI, сосема друга компанија.
Сега доаѓа вест дека одделот за паметни телефони на Samsung, наводно, формирал сосема нов тим за дизајнирање и развој на сопствени чипови, што значи дека можеби нема да користи Exynos чипови од одделот System LSI во иднина.
Според новиот извештај, кој доаѓа од The Elec, Samsung MX формираше нов тим за развој на чипови за паметни телефони. Изгледа дека овој тим е создаден за да може да дизајнира сопствени процесори, наместо да се потпира на System LSI, како што беше случај досега.
Новиот тим ќе го предводи Вонјун Чои, извршен потпретседател на Samsung Electronics. На почетокот на овој месец, тој беше назначен и за шеф на тимот за истражување и развој на производи и тим за технолошка стратегија во Samsung MX. Пред да се приклучи на јужнокорејскиот технолошки гигант, Чои работел во Qualcomm и е познат како експерт за безжични чипови.
Се чини дека оваа одлука дојде по долгогодишно незадоволство од Exynos чиповите на Samsung. Вообичаено, Samsung ја претставува својата предводничка серија во две верзии – едната со Exynos чип и другата со Qualcomm чип. Во минатото, верзиите на телефони со чип на Qualcomm имаа подобри перформанси, подобро термичко управување, поголема енергетска ефикасност и подолго траење на батеријата во споредба со верзиите на телефони кои користеа Exynos чип.
Потсетуваме, Samsung најверојатно ќе ја претстави претстојната серија Galaxy S23 исклучиво со чипот Snapdragon 8 Gen 2 на Qualcomm, кој треба да пристигне во специјална верзија за моделот Galaxy S23.