По тешката битка со ракот почина легендарниот фудбалер Џанлука Вијали

По тешката битка со ракот почина легендарниот фудбалер Џанлука Вијали

пред 2 години

Легендарниот италијански фудбалер Џанлука Вијали почина денес на 58 години, пренесе „Гаѕета“. Италијанецот боледуваше од рак на панкреасот, кој беше откриен во 2017 година.

Помина два круга на хемотерапии, а откако на крајот на минатата година состојбата му се влоши, беше хоспитализиран во Лондон. За неговата тешка состојба збореше и неговата 87 годишна мајка, Марија Тереза, која исто така замина од Кремона да го посети во Лондон.

За потсетување, Вијали кариерата ја почна во Кремонезе, каде играше од 1980 до 1984 година. Потоа замина во Сампдорија од каде во 1992 година се пресели во Јувентус, а четири години подоцна во Челси. Со Сампдорија ја освои Серија А во 1991 година и три Купа на Италија.

Во 1992 година играше и во финалето на Лигата на шампионите. Со Јувентус го освои поранешниот Куп на УЕФА во 1993 година, а две години подоцна и двојната круна. Во 1996 година го крена и трофејот во Лигата на шампионите. Играше за Челси како играч-менаџер и стигна до трофејот во Купот на победниците на куповите во 1998 година. Го освои Лига Купот, Суперкупот на Европа и ФА Купот.

Беше репрезентативец на Италија, со кои го освои бронзениот медал на Светското првенство во 1990 година. Беше менаџер на Челси, а работеше и во стручниот штаб на италијанската репрезентација. Му беше помошник на Роберто Манчини и заедно ја предводеа Италија до европската титула минатата година.

Share
Scroll to Top