Кошаркарите на МЗТ Скопје Аеродром се пред нов голем предизвик во АБА лигата. Македонскиот тим вечерва (18 часот) гостува во Белград и ќе ги одмери силите со уште еден евролигаш, составот на Партизан.
По поразот од Црвена Звезда, избраниците на Драган Николиќ имаат уште потешка задача, ќе играат на гости против „црно-белите“ кои ги предводи Жељко Обрадовиќ.
„Играме против уште еден евролигаш кој сезонава е непобедлив на домашен терен во АБА и кој исто како и нашиот претходен ривал има сериозни амбиции да влезе во плејофот на Евролигата и да ја освои титулата во регионот. Згора на тоа, формата на Партизан е во нагорна линијата што најдобро можеше да се види на неколкуте последни средби на домашен терен против Цибона, Задар и Монако, кои „црно-белите“ ги добија ептен убедливо. Според ова јасно е дека не чека уште еден исклучително тежок дуел против еден од најдобрите европски тимови предводен од најтрофејниот тренер во историјата. Изминатата недела ја искористивме добро да истренираме, а се засиливме со Кук и Абу кои верувам добро ќе се вклопат и ќе дадат свој придонес кон остварувањето на заедничката цел, а тоа е опстанок во АБА“, вели Николиќ.
Партизан на овој меч влегува по убедливата победа над Басконија во Евролигата.