Трет пациент во светот успешно излекуван од ХИВ

Трет пациент во светот успешно излекуван од ХИВ

пред 2 години

Научниците направија трансплантација на матични клетки и со тоа успешно излекуваа пациент со ХИВ-инфекција. Мажот, наречен „пациентот од Диселдорф“ успешно е излекуван по ризичната трансплантација на матични клетки. Пациентот (53) веќе четири години не прима антиретровирусни лекови, што вклучува земање лекови за уништување на вирусот и нема рецидив. Исто како и во случајот со другите двајца пациенти (берлинскиот и лондонскиот пациент), трансплантацијата е направена поради лекување на акутно нарушување на крвта, во неговиот случај леукемија, која се развила покрај ХИВ-инфекцијата.

Пациентот е во добро здравје, по речиси 10 години од трансплантацијата на матични клетки од несроден дарител и повеќе од четири години од прекинувањето на терапијата за ХИВ. Матичните клетки се од донор со ретка мутација на генот CCR5, за кој се смета дека го спречува ХИВ-вирусот да влезе во клетките.

„Сѐ уште многу добро се сеќавам на реченицата на мојот лекар: ‘Немој ова толку тешко да го прифаќаш, заедно ќе доживееме да се излекуваш од ХИВ’,“ рекол мажот кој ја добил дијагнозата во 2008 година. Со оглед на тоа што тогаш не верувал во изјавата на својот лекар, сега вели дека е исклучително горд на тимот од светски лекари кои успеале да го излекуваат и од ХИВ и од леукемија.

„Оваа година, на Свети Валентин прославив 10-годишнина од трансплантацијата на матични клетки, а мојот донор беше и мој почесен гостин“, изјавил пациентот излекуван од ХИВ. Тој решил да ја сподели својата приказна со јавноста, со цел да собере средства за научни истражувања и да се бори против стигматизација на ХИВ-вирусот.

Фактот дека вирусот не се вратил е резултат на исклучително темелна, научна и тераписка подготовка и следење на случајот, велат научниците, и додаваат дека студијата која ја направиле е најдолгото и најпрецизно следење на пациент со ХИВ по трансплантација на матични клетки. Трансплантацијата на матични клетки, вклучува уништување на сите заразени крвни клетки, и нивна замена со здрави матични клетки од крв или коскена срж. Меѓународниот тим предводен од стручњаци од Универзитетската болница во Диселдорф, се надева дека знаењето кое го стекнале, ќе биде појдовна точка за планирање на идните студии за лекување од ХИВ.

Share
Scroll to Top