Македонскиот камерен оркестар „Профундис“ ќе одржи мултимедијален концертен спектакл во МОБ

Македонскиот камерен оркестар „Профундис“ ќе одржи мултимедијален концертен спектакл во МОБ

пред 2 години

Концертен спектакл „Грув“ на македонскиот камерен оркестар „Профундис“ ќе се одржи на 21-ви април на сцената на Националната опера и балет. Камерниот оркестар ќе биде надополнет со сценски визуелни визуелни ефекти во форма на 3Д мапинг.

На ова аудиовизуелно доживување како солист ќе настапи виртуозот на виолончело Драган Ѓорѓевиќ – Сузуки, кој пред македонската публика ќе се претстави заедно со врвните музичари од камерниот состав „Профундис“ под диригентската палка на маестра Ѓурѓица Дашиќ.

Музичкото искуство на присутните ќе биде збогатено со специјално креирани 3Д визуелни ефекти кои со технологијата на 3Д мапинг во целост ќе ја оживеат сцената на Националната опера и балет и ќе бидат уникатно доживување кое за првпат ќе се случува во нашата земја на концерти од класичната музика.

На концертниот спектакл „Грув“ ќе прозвучи оригинална програма со четири праизведби составени од класиката, преку фолклорот, до рокенролот. Ексклузивноста на програмата преку делата на Џими Хендрикс, Палп Фикшн – Мизерлоу, В.Валтон, Д.Шостакович, Офенбах, Попер и Сарасате ќе ја збогати и делото на македонскиот композитор Дарко Илиевски „Мотус фолклорикус“,  напишано специјално за овој настан и посветено на камерниот оркестар „Профундис“.

„Овој концерт е доказ дека креативноста не познава граници и ќе биде навистина неверојатно мултимедијално доживување кое се случува еднаш, но останува засекогаш. Користиме технологија која првпат се употребува на концерти од ваков тип и во комбинација со виртуозноста во сценскиот настап на солистот Драган Ѓорѓевиќ – Сузуки и уникатната програма ќе ја разбуди синергијата кај секој од присутните“, изјави маестра Ѓурѓица Дашиќ, уметнички раководител и диригент на „Профундис“.

Инаку, ова е следен во низата на концертни спектакли на камерниот оркестар „Профундис“, откако минатата година ја одбележа настапот на светски познатата виолинистка Ирина Мурезану која ја наполни концертната сала на Националната филхармонија.

Влезниците, се по цена од 750 денари, се продаваат преку продажната мрежа на МКТикетс во државата.

Share
Scroll to Top