Коко е двегодишен лабрадор, кој бил на третман за зависност од алкохол. Ова е прв случај од ваков вид во Велика Британија, пишува британски Телеграф.
Коко бил донесен во засолниште за животни во Плимптон, Девон, со друго куче по смртта на нивниот сопственик. Како што пренесува Телеграф, на кучињата им била потребна итна ветеринарна помош бидејќи страдале од напади. Вработените во центарот за спасување тврдат дека кучињата станале зависни од алкохол бидејќи имале пристап до пијалокот, кој го оставил нивниот сопственик.
Додека другото куче подоцна починало, Коко можел да се опорави откако бил подложен на терапија за одвикнување од алкохол. На кучето му давале седативи четири недели за да избегне напади.
„Одвикнување на куче од алкохол е нешто со кое се занимаваме првпат. Коко е со нас повеќе од еден месец, откако пристигна на интензивна нега. Неговата приказна е трагична. Коко беше во тешка состојба и бараше 24- часовна нега. Стана јасно дека тој страда од симптоми кои укажуваат на зависност од алкохол“, објави Woodside Animal Rescue Trust на социјалните мрежи.
Од центарот за спасување изјавија дека кучето сега е надвор од животна опасност, дека веќе не е на лекови и почнува да се однесува како нормално куче.
„Кучето се уште не е подготвено за посвојување и иако се чини дека физички се опорави, на моменти се уште е психички пореметен“, истакнале спасувачите и изразиле надеж дека Коко наскоро ќе биде посвоен.