Оперската дива, сопранот Анџела Георгиу од Романија заедно со Оркестарот на НОБ и под диригентската палка на Теодорашку Артаманов од Романија, на 12 јули на Античкиот театар во Охрид ќе го отвори годинешното 63-то издание на фестивалот „Охридско лето“. Ова денеска на прес-конференција го најави директорката на НУ „Охридско лето“ Наташа Поповиќ која рече дека секое успешно издание на фестивалот започнува со најголемите, најславните и највозвишените уметници.
– Анџела Георгиу важи за најгламурозната оперска ѕвезда. Нејзиниот прекрасен глас ја прави сцената блескава секаде каде што настапува по светот. Се вбројува меѓу најдобрите изведувачи во историјата на операта, со исклучителен вокал, техника и длабока драмска и музичка интелигенција, рече Поповиќ.
Најавувајќи ја програмата на годинешното 63-то фестивалско издание, директорката Поповиќ појасни дека големо име ќе има и во драмскиот дел од програмата.
-Големо име имаме и во делот на драмската програма, светски познатиот актер, продуцент и режисер Џон Малкович. Американската филмска ѕвезда со проектот во режија на Михаел Штурмингер „Вечер на Џон Малкович“ во придружба на сопраните Чен Реис и Сузан Лангбеин и Оркестарот на Виенската академија е најексклузивниот гостин кој ќе се запише во листата на најголемите уметници кои настапиле низ фестивалската историја на „Охридско лето“, додаде Поповиќ.
Селекторката на музичката програма на фестивалот „Охридско лето“, Бисера Чадловска, рече дека покрај спектакуларното отворање, годинава фестивалот нуди врвни музички имиња од земјава и светот. “ Од светските имиња, ќе издвојам неколку: светски познатиот виолинист Немања Радуловиќ и оркестарот Double Sense, Френк Дупре џез трио, како и пијано рецитал на Френк Дупре, виолинистката Ирина Муресану со оркестарот „Фејмс“ и други.
Селекторката на драмската програма на фестивалот „Охридско лето“, Сања Арсовска, рече дека театарската програма годинава може слободно да се нарече „Издание на големите“.
– 26 јули 2023 ќе остане запаметен по тоа што „Охридско лето“ ќе приреди историски настан, носејќи едно од најголемите светски глумечки имиња на сите времиња, Џон Малкович. Претставата„ Пеколна комедија- Исповедта на еден сериски убиец“, во режија на Михаел Штурминген, а во главната улога на Малкович во придружба на два сопрани и оркестар, на еден мрачно – комичен начин ќе ја обработи церебралната изопаченост на еден убиец. 29 јули е резервиран за уште една голема претстава, „Ана Карењина“, во продукција нa „Ујвудеки Зинхаж“ од Нови Сад, а во режија на нашиот режисер Дејан Пројковски. Една од најнаградуваните претстави во регионот во изминативе години, работена според Толстоевото големо дело со егзалтиран наратив и познатиот неговиот маестрален опис на малите животи и одлуките со кои може или не може да се живее, рече Арсовска.
Од 12 јули до 20 август, љубителите на уметноста ќе имаат прилика да уживаат во 34 концерти, седум театарски претстави, а програмата ќе биде збогатена и со балет, изложба на фотографии и промоција на книга. „Охридско лето “ ќе биде домаќин на над 1000 уметници од 20-тина земји од светот, Србија, Чешка, Италија, Словенија , Полска , Франција, Турција, Израел, САД, Украина, Шпанија, Црна Гора, Грција, Германија, Романија, Португалија, Египет, Русија,… и секако, уметници од Република Северна Македонија.
„Охридско лето“ се искачи на високото петто место меѓу првите пет меѓу 140 фестивали, членки на Европската асоцијација на фестивали(ЕФА) .






