На денешен ден пред точно 30 години загина еден од најдобрите кошаркари во светот Дражен Петровиќ. Дражен загина во сообраќајка на автопат во Германија. Неговата мајка Бисерка се потсети на девојката од Македонија, која прва ѝ се јавила да ѝ каже дека син ѝ загинал.
„Никогаш нема да ја заборавам Македонката која прва ми се јави да ми каже дека мојот син загина. Не можам да верувам дека минаа три децении без мојот Дражен. Тој 7 јуни 1993 година чекав повик од мојот син, бидејќи имаше обичај да ми се јавува. Кога телефонот ми заѕвоне си помислив дека е тој. Но, од Германија ми се јавуви некоја Македонка, чиј глас ќе го паметам додека сум жива. Ме праша на хрватски дали е тоа станот на Петровиќ, а потоа ми рече дека Дражен загинал во сообраќајка. Во тој момент почнав да плачам, слушалката ми падна од рацете. Тргнав кон балконот. За среќа во станот беше и сопругот, кој ме сопре во намерата да скокна,. Тоа беа најтешките денови во мојот живот. Потоа следеше погребот на кој дојдоа илјадници луѓе“, рече Бисерка.
Неколку дена подоцна, кога на гробот на Дражен, Бисерка сретнала човек за кој рече дека никогаш нема да ги заборави неговите зборови кои и ги кажал.
„Никогаш нема да ги заборавам зборовите кои ми ги рече. Вие сте го родиле, но тој ни припаѓа на сите нас“ ѝ рекол мажот.
„Тие зборови никогаш нема да ги заборавам. И сега често одам на гробот. Среќна сум што и после толку време луѓето сѐ уште го сакаат и го ценат. А и како да не го сакаат кога направи толку многу за кошарката на овие простори“, рече Бисерка.
За потсетување, Дражен загина во сообраќајка во близина на Минхен. Седеше на сопатничкото место во автомобилот „Голф“ чиј возач не ја прилагодил брзината кон условите на патот.
Имаше 29 години, а се враќаше по дополнителниот квалификациски турнир за ЕП 1993, кој се одржа во полскиот град Вроцлав.