„Земјо македонска“ во изведба на Огнен Здравковски е втората нумера од проектот „Македонијо во срце те носиме“ која јавноста од денеска може да ја слушне во етерот. Песната чии комплетен автор е легендарната Васка Илиева, според многумина, е неофицијална химна со која се идентификуваат илјадници Македонци.
Верзијата на Огнен, односно аранжманот, како и на целиот проект зад кој стои Скендеровски продукција, е со потписот на Николче Мицевски.
„Се радувам што Скендеровски продукција се сети на нешто вакво, затоа што само така ќе ги научиме сите претставници на младата генерација да ги сакаат и негуваат овие песни. Чест и задоволство ми е да пеам македонски песни, особено патриотски, за нашата Македонија. Растен сум со музика и со убавата македонска песна. Дедо ми Наско Џорлев има напишано многу македнски рефрени од кои би сакал да одвојам неколку – „Не кажувај либе добра ноќ“, „Фато мори душманке“, „Во Струмица на улица“, „Кажи ле облаче бело“… Ја одбрав „Земјо македонска“ бидејќи ми е една од омилените патриотски песни, а имам и поврзаност со истата. Вујко ми Зоран Џорлев ја преработи по повод одбележувањето на 20-годишнината од независноста во 2011 година кога и ја изведе на централната прослава. Пресреќен сум што имав можност да учам од него да ја негувам, сакам и творам македонска музика. Ме учеше да си ја сакам, чувам и бранам татковината, тој, за жал, повеќе не е со нас, но пресреќен и горд сум што продолжувам по неговиот пат и ветувам дека гордо и со многу љубов и труд ќе го правам тоа“, вели Огнен.
Зад видеото, како и комплетната реализација на проектот стои Скендеровски продукција, а „Македонијо во срце те носиме“ содржи 12 песни отпеани од 12 изведувачи, и од светот на забавната и од светот на народната музика. Проектот има за цел да се возобноват најубавите македонски патриотски песни, да им се продолжи векот и да се приближат до младите генерации.
>Меѓу изведувачите освен Огнен Здравковски и Ламбе Алабаковски јавноста уште ќе ги чуе и: Наум Петрески, Сузана Спасовска, Миле Кузмановски, Бојана Скендеровски, ДНК, Андријана Јаневска, Александар Тарабунов, Мина Блажев, Марија Спасовска, Зуица Лазова, а на списокот песни се „Заветна“, „Налеј, налеј“, „Народе македонски“, „Едно име имаме“, „Земјо македонска“, „Ој, Вардаре“, „Оган да го гори“, „Послушајте патриоти“, „Ми заплакало село Ваташа“ . Во склоп на проектот наесен планиран е и концертен караван