Најновите извештаи покажуваат дека Galaxy S23 FE ќе биде достапен во две варијанти.
Во 2020 година, Samsung одлучи да претстави телефон со Fan Edition – Samsung Galaxy S20 FE. Како што сугерира името, Samsung го наменил за своите фанови, а целта била да ги понуди повеќето спецификации од водечкиот модел, со некои компромиси и пониска цена.
Следуваше Galaxy S21 FE, а Galaxy S23 FE треба да се појави оваа година. Иако досега се мислеше дека ќе пристигне само во една верзија на чипсетот, се чини дека сепак нема да биде така.
Претходните извештаи укажуваа дека Galaxy S23 FE ќе пристигне на глобално ниво со чипот Exynos 2200, кој ја напојува минатогодишната серија Galaxy S22. Но, деновиве на Geekbench се појави S23 FE со Qualcomm чип, што сигурно ќе израдува многу обожаватели на Samsung.
Параметрите на чипот покажуваат дека се работи за чип Qualcomm Snapdragon 8+ Gen 1, кој се покажа како многу поспособен од Exynos 2200.
Најновите извештаи покажуваат дека Galaxy S23 FE со Exynos 2200 ќе пристигне во Европа, додека Galaxy S23 FE со чип Snapdragon 8+ Gen 1 ќе пристигне на пазарот во САД.
Секако, ова не е толку добра вест за фановите на Samsung во Европа, но можно е овој модел да пристигне и на Стариот континент. Пример за ова е неодамнешниот потег на Samsung да го претстави Galaxy S21 FE со чипот Snapdragon 888 во Индија, иако моделот базиран на Exynos првично пристигна во таа земја.
Galaxy S23 FE се очекува да пристигне во третиот квартал од оваа година. Меѓу другото, ќе има 6,4-инчен AMOLED екран, батерија од 4500 mAh со поддршка за брзо полнење од 25 W и главна камера од 50 MP.