Вашата музика има митски димензии и со неа растеа генерации Македонци, па размислете за уште еден албум, „Леб и сол“ беа одликувани со орден за заслуги од Пендаровски

Вашата музика има митски димензии и со неа растеа генерации Македонци, па размислете за уште еден албум, „Леб и сол“ беа одликувани со орден за заслуги од Пендаровски

пред 1 година

Претседателот Стево Пендаровски на свечена церемонија во Вила Водно ја одликуваше класичната постава на „Леб и сол“, со Орден за заслуги за Република Северна Македонија.

Бодан Арсовски, Кокан Димушевски, Влатко Стефановски и Гарабет Тавитјан беа наградени за нивниот огромен придонес кон македонските музика, култура и идентитет, а Пендаровски на крајот ги замоли да размислат да снимат уште еден албум во оваа постава.

Ги нарече и предводници кои што оставија трајни вредности во современата македонска музика и придонесоа за афирмација на македонската музичка уметност и на македонската култура во светот.

„Ве пречекавме со леб и сол, традиција која постои не само кај нас, туку и кај многу други народи, нордиски, балтички, кај Евреите, кај Албанците, кај балканците и секаде каде што постои таа традиција таа означува една иста работа, а тоа дека гостите се добредојдени. Само кај нас во македонскиот јазик тој израз има и друго посебно значење. Имено, кај нас леб и сол означува култ, категорија, институција со наднационално значење и вонвременски карактер. Зборуваме за музиката, опусот, животното дело на Влатко Стефановски, Бодан Арсовски, Кокан Димушевски и Гарабет Тавитјан, рече Пендаровски во своето обраќање.

Претседателот рече дека меѓу бројните, несоборливи докази за тоа кои сме ние Македонците, доволно е да го цитираме музичкото творештво и наследство на „Леб и сол“ кои и во 21-от век продолжува да ги инспирира музичарите да истражуваат нови предели додека ги почитуваат сопствените корени“.

Додаде и дека зборуваме за национално наследство кое е одамна впишано во културната и социјална ДНК на нашата држава, на македонскиот народ и на сите наши граѓани.

„Сите сме дојдени да искажеме почит и да се заблагодариме на нашата скопска четворка за тоа што ја прославија државата високо на глобалната карта на уметнички достигнувања. Вашата музика, драги лауреати, во дамарите на македонската душа има митски димензии затоа што претставува културно наследство со кое се идентификуваа и растеа, и се уште растат и живеат генерации Македонци“, рече Пендаровски.

Уште од нивниот прв албум објавен во далечната 1978-та, „Леб и сол“ беа дефинирани како неприкосновени инструментални виртуози и пионери во она што критичарите го нарекоа „world music fusion„  комбинирајќи рок, џез и традиционални македонски ритми, при тоа, создавајќи музика која далеку ги надмина границите на времето.

Пред речиси половина век, „Леб и сол“ се етаблираа во национална гордост и категорија, статус кој без напор го одржуваат низ годините, сѐ  до ден денешен.

 Во 1990-тите, членовите на групата започнаа и солистички кариери, соработувајќи со исклучителни музичари од целиот свет, проширувајќи ги музичките хоризонти, но, останувајќи верни на етничкото наследство и националниот дух без кои не можете да оставите белези на глобален план.

Share
Scroll to Top