Кошаркарската репрезентација на Франција, во пресрет на Светското првенство, остана без еден од најважните играчи. Мундобаскетот во Јапонија, Филипините и Индонезија ќе го пропушти Франк Нтиликина. Кошаркарот на Шарлот Хорнетс се повреди на пријателскиот натпревар против Литванија.
Француската кошаркарска федерација излезе со соопштение во кое се вели дека по повредата на бутниот мускул му биле направени тестови кои покажале дека нема да може да игра на големото натпреварување.
25. годишниот кошаркар во последните недели беше поврзуван со некои клубови од Евролигата, меѓу кои и Асвел, тим од неговата земја, како и со српските клубови Партизан и Црвена звезда.
Со француската репрезентација Нтиликина освои сребрен медал на Олимписките игри во Токио и бронза на Мундобаскетот во Кина во 2019 година.