Адеми објасни зошто не доаѓа на средба во Судскиот совет

Адеми објасни зошто не доаѓа на средба во Судскиот совет

пред 1 година

Претседателката на Врховиот суд, Беса Адеми, преку писмо се осврна на извештаите во медиумите дека се вршат политички притисоци врз судиите, откако претходно денес беше повикана во Судскиот совет на работна средба на која би се елаборирале објавени написи во медиумите, но најави дека нема да присуствува.

Адеми во писмото наведе дека би сакала да укаже на некои формално-правни аспекти кои би требало да бидат земени во предвид. За поканата, Адеми рече дека треба да се напомене оти доставувањето покани и организирање работни средби за новинарски написи и интервјуа ниту е соодветно, ниту пак на тоа упатуваат надлежностите на Судскиот совет, аргументирајќи понатаму дека критики има и во извештаите на меѓународните институции.

Вели дека Врховниот суд, дава целосна поддршка на процесите за унапредување на транспарентноста на судството. Примената на начелата на отворено и транспарентно судството, вели таа, како и на слободата на мислата и на јавното информирање како загарантирани права во Уставот и во Европската конвенција за заштита на човековите права, се силна гаранција за осигурување на независноста на судството.

Нагласува дека написите за состојбите во судството, вклучително и написите за потенцијални или присутни влијанија, треба да се вреднуваат како суштински придонес за независноста на судството.

„Во согласност со европските стандарди и практики во врска со прашањата од висок јавен интерес, отвореното судство има превентивна улога во спречувањето на обидите за политички или други влијанија. Исто така, од особена важност е да се истакне дека за политичките влијанија и притисоци во судството, не се говори само во медиумските написи, туку и во релеватните меѓународни извештаи, кои ги оценуваат состојбите во судството. Констатациите во извештаите се континуирани и крајно сериозни. Имено, Европската Комисија во последниот извештај истакна дека важно е да се осигури дека судството е заштитено од каков било ризик на несоодветно мешање од надвор. Политичките притисоци и влијанија се нагласени и во Извештајот на Прибе. Стејт департментот нотира дека случаите на несоодветниот политички притисок врз судиите продолжиле да ја попречуваат ефикасноста и да влијаат на довербата на јавноста во владеењето на правото. Последната анкета на ОБСЕ, исто така нотира дека судиите самите укажуваат на присутност на притисоци и несоодветни влијанија. Загрижувачка беше и констатацијата за недовербата кон Судскиот совет, за што мора да се посвети повеќе внимание во иднина“, вели Адеми, додавајќи дека политичките притисоци и влијанија како појава се нотирани и од граѓанските организации кои ја следат работата на судството.

На притисоци, како што се додава во соопштението, укажаа и судии, вклучително и од Врховниот суд, како и членови на Судскиот совет, но и поранешни претседатели на Судскиот совет на Република Северна Македонија. И покрај ваквите укажувања јавноста не доби одговори дали Судскиот совет презел соодветни дејствија, појаснувајќи за какви притисоци се работело.

Од друга страна, Адеми образложи дека работата на Врховниот суд позитивно е оцената во меѓународните извештаи и особено е образложена во Извештајот на Европската Унија. Утврдувањето на начелниот став за објавување на неправосилни одлуки како голем придонес за транспарентноста и видливоста на правдата во согласност со стандардите и практиката на Европскиот суд за човековите права, беше истакнат и во Извештајот на Стејт департментот. Од тие причини, Врховниот суд има поддршка и охрабрување во остварувањето на своите заложби, а независноста на судството е една од нив.

За политичките влијанија во судството како присутна појава и важно општествено прашање, додава таа, потребна е поширока јавна расправа бидејќи се работи за проблем кој ја тангира државата и граѓаните, а со тоа и другите власти и чинители.

Share
Scroll to Top