Претставници на Сојузот на стопанските комори, претседателот Трајан Ангелоски, потпреседателите Горан Ѓорѓиевски, Сашо Дукоски, Ромео Костадинов, како и Драган Пехчевски, член на управниот одбор, имаа средба со министерот за финансии Фатмир Бесими. На средбата се разговараше за финансиите и структурата на буџетот за следната 2024 година, како и предлози на Комората за поповолна деловна клима во нашата држава.
На состанокот беа потенцирани финансиски прашања, на кои заеднички треба да се влијае: зголемување на ефикасноста и економичноста на јавната администрација, намалување на сивата економија, примена на е-фактура и дигитализација, реструктуирање на јавните претпријатија загубари, да се инвестира во енергетска ефикасност и обновливи извори на енергија – декарбонизација како во јавниот така и во приватниот сектор, активна изградба на инфраструктура, патна, железничка, усогласување на царините со ЕУ-тарифна регулатива, сè со цел да бидеме дел од европскиот економски простор.
Во оваа пригода се разговараше и за зголемување на платите во јавниот сектор и се потенцира ова да не биде главен приоритет во следниот период бидејќи се одразува негативно на целата економија. Воведувањето на новите даноци ја намалува предвидливоста на бизнис-секторот и претставува дополнително оптоварување како и намалување на конкурентноста.
Сојузот на стопанските комори интензивно работи и се насочува кон долгорочен економски раст, подобрување на легислативата, влијае и работи на стабилен економски раст, поврзување и можност за долгорочен развој на нови ЕУ-пазари, инвестиции во зелена технологија и обновливи извори на енергија. Потребни се уште поголема фокусираност и примена на нови мерки за создавање бизнис-клима, со која ќе се овозможи зголемување на условите за производство и стимулирање на извозот, велат од таму.
„Бизнисот втемелен на заедничко работење, тоа значи градење економија втемелена на знаење, на иновации и економија, која ќе гради партнерство со сет мерки меѓу бизнисот и државата“, истакна Ангелоски.
Текстот ССК на средба со Бесими: Потребен е реформски, инвестициски и европски модерен буџет е превземен од МАКФАКС.