Премиерот Андреј Пленковиќ и претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел одржаа прес-конференција во Бански двори пред вечерашната работна вечера, на која ќе присуствуваат премиерот на Италија Џорџа Мелони, премиерот на Малта Роберт Абела и премиерот на Полска Матеуш Моравјецки.
Тие ја коментираа изјавата на украинскиот претседател Володимир Зеленски, кој предупреди дека Русија планира да започне нова војна меѓу две земји на Балканот и дека тоа ќе биде ново руско одвлекување на вниманието во светот.
„Убеден сум дека европскиот пат за земјите од Западен Балкан е најважниот чекор за мир овде“, рече Мишел на новинарско прашање за изјавата на Зеленски.
Пленковиќ беше поелоквентен.
„Пораката на претседателот Зеленски е многу јасна. Јасна е во контекст на пошироката дестабилизација на целиот европски континент. А руската агресија против Украина, меѓу другото, има функција и на дестабилизација на државите кои граничат со ЕУ“, рече хрватскиот премиер и го наведе примерот на Молдавија и Грузија.
Тој го спомена и многу сериозниот инцидент на паравоените групи во Бањска, на северот на Косово.
„Имаме неколку потенцијални фокуси на нестабилност. Политиката на Хрватска отсекогаш била да вложи максимални напори меѓународната заедница да биде силно ангажирана во областа на Југоисточна Европа, поради што сме поборници за проширување кон нашите соседи. Само цврстото закотвување на земјите од нашето соседство во европскиот процес гарантира мир, безбедност, стабилност и подобри меѓусебни односи“, рече тој и потоа додаде:
„Можеби има повеќе од овие жаришта во нашето непосредно соседство. Не сум разговарал со претседателот Зеленски во последниве денови, така што не можам да дешифрирам за кое потенцијално жариште зборуваше, но со оглед на околностите, може да има повеќе“, изјави Пленковиќ.
Текстот Зеленски најави војна на Балканот, Пленковиќ: Неговата порака е јасна е превземен од МАКФАКС.