Постигнат договор меѓу Хамас и Израел за ослободување на заложниците

Постигнат договор меѓу Хамас и Израел за ослободување на заложниците

пред 10 месеци

Израелската влада го поддржа договорот со Хамас за ослободување на 50 жени и деца држени како заложници од палестинските милитанти во Газа во замена за четиридневен прекин на огнот, соопшти кабинетот на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху.

Катарските власти, кои посредуваа во разговорите меѓу Израел и Хамас заедно со Соединетите Држави, со денови велат дека спротивставените страни се многу блиску до договор.

Договорот ќе го означи првото примирје во војната во која израелските бомбардирања срамнија со земја делови од Газа со кои владее Хамас. Според властите во Газа, во тие напади во густо населената енклава загинале 13.300 цивили, а околу две третини од 2,3 милиони жители останале без покрив над главата.

Пред да ја собере владата во полн состав, Нетанјаху вчера одржа консултации за договорот со неговиот воен кабинет и поширокиот кабинет за национална безбедност. Според израелски извори, Хамас држи повеќе од 200 заложници, приведени на 7 октомври, кога неговите борци го нападнаа Израел и убија 1.200 луѓе.

Пред најавата за прифаќање на договорот, Нетанјаху рече дека интервенцијата на американскиот претседател Џо Бајден помогна да се подобри рамковниот договор за да вклучи повеќе заложници и помалку отстапки.

Но, Нетанјаху рече дека мисијата на Израел не е променета. „Ние сме во војна и ќе продолжиме да војуваме додека не ги постигнеме сите наши цели. Да се ​​уништи Хамас, да се вратат сите наши заложници и да се осигураме дека ниту еден ентитет во Газа не може да му се заканува на Израел“, рече тој во снимената порака на почетокот на состанокот.

Американски функционер запознаен со разговорите пред да го потврди договорот рече дека тој ќе вклучи размена на 150 палестински затвореници. Прекинот на непријателствата би овозможил и испорака на хуманитарна помош во Газа.

Текстот Постигнат договор меѓу Хамас и Израел за ослободување на заложниците е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top