По повеќемесечна предистражна постапка, денеска, под координација на јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, е спроведена полициска акција во Охридско-струшкиот Регион. Со акцијата е сузбиена повеќечлена криминална група, чии членови, со цел противправно стекнување имотна корист, подолг временски период се занимавале со неовластено набавување и продажба на наркотична дрога и оружје.
„Во временскиот периодот од јануари 2023 година до ноември 2023 година, првоосомничениот, заедно со тројца други осомничени, како повеќе лица се здружиле заради неовластена продажба и пуштање во промет наркотична дрога кокаин, хашиш и марихуана и за таа цел купувале, држеле, пренесувале, продавале и посредувале во неовластена продажба на наркотичната дрога. Нелегалните активности во делот на продажбата ги вршеле во три мрежи заедно со 16 од другите осомничени лица. Првоосомничениот неовластено набавувал наркотична дрога кокаин или марихуана од непознати лица од Албанија и набавената количина ја пренесувал и скривал на безбедна локација на подрачјето на општина Струга по што дел од наркотичната дрога, наменета за брза продажба, ја пренесувал во два угостителски објекта во Струга, а преостанатата количина наркотичната дрога спакувана во помали пакувања се продавала преку мрежите воспоставени од другите тројца организатори“, соопшти Обвинителството.
„Воспоставениот modus operandi се одвивал на ист или сличен начин. Првоосомничениот ги организирал и ги одобрувал продажбите, па при секоја продажба, откако припадниците на групата што имале улога на препродавачи ќе стапеле во контакт со заинтересиран купувач на наркотична дрога, го информирале организаторот на мрежата на која припаѓале и по извршената купопродажба на наркотичната дрога, паричните средства му ги предавале на организаторот, а тој на првоосомничениот, кој како награда им давал процент од постигнатата цена. Кога заинтересираните купувачи на наркотични дроги биле непознати на осомничените, се барало дозвола за продажба од првоосомничениот. Во зависност од побарувачката на заинтересирани купувачи, наркотичната дрога кокаин, спакувана во помали пакувања, се продавала по цена од 60 евра до 100 евра за 1 (еден) грам, 50 грама марихуана со висок квалитет по цена од 100 до 250 евра, а масло од хашиш нелегално произведено во домашни услови се продавало по цена од 40 евра за кубик.
Во истиот временски период четворица осомничени се организирале како злосторничко здружение заради неовластено набавување, држење и продавање огнено оружје и муниција, кои на граѓаните им се забранети, а во тргувањето со оружје се приклучиле уште двајца од осомничените. Еден од организаторите од непознати лица набавувал разно оружје и муниција, што ги скривал на безбедни локации на подрачјето на општина Струга по што другите петмина осомничени контактирале со заинтересирани купувачи и им нуделе оружје и муниција за продажба.
Со дејствата опишани во диспозитивот на наредбата за спроведување истражна постапка 20 лица се осомничени дека сториле кривично дело неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги и психотропни супстанции од чл. 215 ст. 3 в.в. со ст. 1 од Кривичен законик, од нив тројца се осомничени и за сторено кривично дело неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи од чл. 396 ст. 6 в.в. со ст. 1 од Кривичен законик, а за кое дело се осомничени и другите три лица.
Во акцијата од слобода се лишени 19 лица, три лица им се недостапни на органите на прогонот, а едно лице е во притвор поради обид за убиство во друг кривично-правен настан. Предметниот обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, ценејќи дека постојат околности што го оправдуваат стравот oд опасност од бегство, дека ќе ги скријат, фалсификуваат или уништат трагите на кривичното дело и дека со влијание врз сведоците и соучесниците ќе ја попречат истрагата, на судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд – Скопје ќе предложи определување на мерката притвор за сите осомничени лица, од кои за две ќе предложи мерка куќен притвор“, се наведува во соопштението на Обвинителството.
Текстот Истражна постапка против 23 лица осомничени за трговија со дрога и оружје е превземен од МАКФАКС.