Повеќе од половина милион луѓе во ЕУ умреле од загаден воздух во 2021 година, покажуваат податоците на Европската агенција за животна средина, а половина од смртните случаи, како што тврдат, можеле да се избегнат со намалување на загадувањето до препорачаните граници, пишува „Гардијан“.
Истражувачите од Европската агенција за животна средина (ЕЕА) припишуваат 253.000 предвремени смртни случаи на концентрациите на фините честички во воздухот познати како ПM 2,5, кои ги прекршиле максималните граници препорачани од Светската здравствена организација за пет микрограми на кубен метар.
Европските истражувачи поврзаа уште 52.000 смртни случаи со прекумерното ниво на азотен диоксид, а тие велат дека 22.000 смртни случаи се случиле поради краткотрајна изложеност на прекумерно ниво на озон.
„Бројките објавени од ЕЕА денес нè потсетуваат дека загадувањето на воздухот останува примарен здравствен проблем на животната средина во ЕУ“, рече европскиот комесар за животна средина, Вирџиниус Синкевичиус.
Иако загадувањето на воздухот е еден од најголемите убијци во светот, експертите посочуваат дека бројот на жртвите може бргу да се намали доколку земјите ги исчистат своите економии.
Светската здравствена организација, која ги заостри своите насоки за квалитетот на воздухот во 2021 година, предупредува дека ниту едно ниво на загаденост на воздухот не може да се смета за безбедно.
Во септември Европскиот парламент гласаше за усогласување на правилата на ЕУ за квалитетот на воздухот со СЗО, но одлучи да го одложи ова до 2035 година.
Покрај набљудувањето на бројот на смртни случаи, истражувачите од ЕЕА првпат утврдија уште колку години населението живеело со болести предизвикани од лошиот воздух.
„Кога луѓето добиваат рак на белите дробови, тие обично умираат многу бргу“, рече Алберто Гонзалес Ортиз, истражувач за загадувањето на воздухот од ЕЕА, истакнувајќи дека за други болести, особено астма, но и дијабетес или хронична опструктивна белодробна болест, загадувањето е исто така важно.
Согорувањето на фосилните горива, возењето автомобили и одгледувањето добиток испуштаат големи количини отровен гас и штетни честички што луѓето потоа ги вдишуваат. Најмалата од овие честички, позната како ПM 2,5, може да навлезе во крвотокот, каде што се шират во телото и ги оштетуваат органите, од мозокот до репродуктивните органи.
Годинешната истрага на „Гардијан“ откри дека 98 отсто од луѓето во Европа дишат воздух чие загадување ги надминува границите дозволени со упатствата на СЗО. Товарот на болеста, како што се гледа во резултатите од ЕЕА, главно паѓа на Источна и Југоисточна Европа.
„Позитивната вест е дека властите на европско, национално и на локално ниво преземаат мерки за намалување на емисиите, како што се промовирање јавен превоз или возење велосипед во центарот на градовите, но и преку ажурирана легислатива“, рече Леена Ила-Мононен, извршен директор на ЕЕА.
Текстот Повеќе од половина милион луѓе починаа од загаден воздух во ЕУ е превземен од МАКФАКС.