(Видео) Кина: Најдовме геометриски форми под површината на Марс

(Видео) Кина: Најдовме геометриски форми под површината на Марс

пред 11 месеци

Кинескиот ровер Журонг има радарски систем кој може да навлезе под површината на Марс и подобро да погледне во неговата скриена подземна област. Научниците објавија нови резултати од скенирањето на местото каде што слета Журонг и рекоа дека на длабочина од околу 35 метри забележале неправилни полигонални форми.

Објектите се со големина од неколку сантиметри до неколку десетици метри. Експертите веруваат дека закопаните геометриски објекти се всушност формации создадени за време на циклусот на замрзнување и одмрзнување на Марс пред неколку милијарди години, но дека би можеле да бидат и од вулканско потекло, создадени по ладењето на тековите на лавата.

Роверот Журонг слета на Марс на 15 мај 2021 година, со што Кина стана втората земја во историјата која успешно слетала ровер на Црвената планета. Журонг, именуван по кинескиот бог на огнот, по слетувањето ја истражи околината, ја проучуваше топографијата на Марс, направи мерења со својот радар и дури испрати селфи на кое „позира“ со својот лендер.

Требаше да биде функционален три месеци, но успешно работеше нешто повеќе од една година, а потоа влезе во планирана хибернација. Ништо не се слушна од него од мај 2022 година до сега, кога беа објавени новите резултати од скенирањето, пишува „Јуниверс Тудеј“.

Утопија Планитија е голема рамнина во рамките на Утопија, најголемиот познат слив на Марс и во Сончевиот систем. Се проценува дека има дијаметар од 3300 километри. Кинескиот ровер за време на својата мисија патувал 1.921 метар.

Кинеските научници известуваат дека радарот на роверот открил шеснаесет полигонални формации на растојание од околу 1,2 километри, што покажува дека овој тип на подземен терен може да биде широко распространет под Утопија Планитија.

Пронајдените геометриски форми веројатно биле формирани пред 3,7 до 2,9 милијарди години за време на доцната хеспериска и раната амазонска епоха на Марс, при што теренот последователно бил покриен со подоцнежни геолошки процеси. Иако на површината на Марс веќе се забележани полигонални геолошки формации, ова е прв показател дека тие се наоѓаат и во подземјето на Црвената планета.

Претходните студии на радарските податоци на Журонг покажаа дека повеќекратните поплави во иста временска рамка создале неколку слоеви под површината на Утопија Планитија. Затоа, научниците веруваат дека големите климатски промени на Марс се одговорни за овие необични форми.

„Контрастот на карактеристиките над и под длабочина од околу 35 метри укажува на значајна трансформација на активноста на водата или термалните услови, што имплицира дека поголеми климатски промени се случиле на ниски до средни географски широчини“, објаснуваат научниците.

Истражувањето наречено „Закопан палео-полигонален терен откриен под Утопија Планитија на Марс од радарот Журонг“ беше објавено во списанието „Нејчр“.

Share
Scroll to Top