Американскиот тим Трекхаус рејсинг, од следната сезона, ќе се натпреварува во Мото ГП шампионатот. Трекхаус рејсинг, го презеде тимот РНФ кој веќе не постои. Американскиот тим ќе се натпреварува како сателитска екипа на Априлија.
По завршувањето на сезоната, компанијата Дорна спортс објави дека РНФ остана без место во шампионатот, поради бројните прекршувања на договорот, што влијаеше на имиџот на Мото ГП во јавноста. Ова беше особено поврзано со фактот што главниот спонзор на тимот и мнозински акционер Криптодата не го плати спонзорството на Австриското ГП, како и поради бројни други долгови.
Трекхаус рејсинг е тим во сопственост на автомобилистот Џастин Маркс и музичарот Питбул Тимот досега се натпреваруваше во Наскар и успеа да забележи пет победи.
Американскиот тим сигурно ќе има посилна врска со Априлија отколку што беше случајот со малезискиот тим, бидејќи има големи шанси некој од возачите да добие фабричка верзија на мотоциклот.
Возачи на Трекхаус рејсинг ќе бидат Мигел Оливеира и Раул Фернандес кои имаат договори со Априлија.
Следната сезона Мото ГП шампионатот започнува на 10 март со Големата награда на Катар.