Тренчевска: Проекциите на населението ќе придонесат кон креирање политики за подобар квалитет на живот

Тренчевска: Проекциите на населението ќе придонесат кон креирање политики за подобар квалитет на живот

пред 3 години

Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска, беше еден од говорниците што го отворија настанот за презентација на проекциите на населението на Република Северна Македонија до 2070 година.

„Две третини од светското население живее во земји во кои стапките на фертилитет паѓаат под нивото на репродукција, а меѓу нив е и Република Северна Македонија. Овој демографски пејзаж ни претставува двоен предизвик: од една страна, загриженоста за земјите со помала и постара популација, а од друга, императивот да се обезбеди одржливост на економиите, пензиските и на здравствените системи, образованието и пазарот на трудот“, рече Тренчевска.

Таа посочи дека кога се зборува исклучително за РСМ, податоците од последниот попис покажаа дека населението старее и дека просечното домаќинство станува помалобројно. Tренчевска истакна човечкиот капитал останува да биде главен инструмент за технолошки и одржлив развој.

„Визијата ни е јасна: да се одржи постојното население на Северна Македонија до 2044 година, значително да се зголеми нејзиниот потенцијал и да се обезбеди подобар квалитет на живот за сите генерации. Затоа, несопирливо инвестираме еднакво во предучилишното образование со градење нови градинки, но и во услугата помош и нега во домот за стари лица. Секој граѓанин ни е важен, инвестицијата во секој е клучна, а напредокот за сите нас е пресуден“ ,изјави министерката.

На крајот од своето обраќање истакна дека статистичките податоци и проекцијата ќе придонесат кон тоа да се креираат мерки што ќе влијаат на добросостојбата на граѓаните.

„Подобрување на условите за работа, утврдување на животниот стандард со воведување минимална плата, но и посветеност на забрзана активација на пазарот на труд на граѓаните на нашата држава, се јасен показател дека ние вложуваме во граѓаните зашто креираме една достоинствена средина за живеење, која ќе креира ниво на отпорност кон постојаниот тренд на иселување. Вложувањето во обуките, преквалификација, доквалификација, во неформалниот образовен процес, но и во родовата еднаквост како алатка за активно вклучување на жените во пазарот на труд, е вложување во вредностите, во достоинството, во еднаквоста да се одлучува за својот живот и своето тело преку економска еднаквост, а токму тоа е најважното вложување во граѓаните“, изјави министерката.

Текстот Тренчевска: Проекциите на населението ќе придонесат кон креирање политики за подобар квалитет на живот е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top