Бројот на вработени во компаниите во ТИРЗ достигна 18.000 што е највисоката бројка досега. Ова е една од клучните резултати од работата на ТИРЗ за 2023 кои ги презентираше директорот Јован Деспотовски.
„Оставаме успешна година зад нас. Посебно ме радува што двете основни цели кои си ги поставивме на почетокот на мојот мандат, а тоа се растот на работни места и растот на плати, ги остваруваме. Оваа година за прв пат ја надминуваме бројката од 18.000 работни места. Тоа значи дека имаме здрав тренд на раст на бројот на работни места кој продолжува. Ова е раст од 11% на работни места споредено со минатата година. Она што е исто така многу важно е што регистрираме значителен раст на бруто платата во однос на просекот од минатата година. Заклучно со податоците од ноември, прво, бруто платата во рамки на Зоните го надмина износот од 60.000 денари и второ, расте со повеќе од 20%, што е за 5% подинамично во однос на растот на платите во националната економија“, изјави Деспотовски.
Според првичните анализи, од компаниите во ТИРЗ се очекува во буџетот на државата да се слеат минимум 75 милиони евра по основ на придонеси, данок на добивка и персонален данок.
„Тоа се 75 милиони евра кои во следната година ќе се наменат за образованието, здравството. Само за споредба пред шест години имавме годишни уплати во буџетот коишто не надминуваа отприлика 10 милиони евра. Така што сето ова е резултат и на зголемениот квалитет на работење на самите компании. Исто така годинава имаме и раст на нето извозот, кој ќе надмине 20%, односно зборуваме за над 650-700 милиони евра кои остануваат во државава“, посочи Деспотовски.
Деспотовски посочи и дека ТИРЗ и Стопанската комора започнаа нова иницијатива „Иднината почнува дома“ чија цел е креирање платформа преку која веќе успешни млади ќе ги мотивираат младите, и им се отвори пристап до европски и добро платени работни места дома.
Инаку само годинава во ТИРЗ се постигнати договори со вкупен обем од над 450 милиони евра кои креираат 7000 нови работни места, од кои дел веќе се реализираат. Деспотовски најави и нови програми со фокус на домашните компании како и ново поглавје во однос на привлекување и поддршка на инвестиции.
Текстот Деспотовски: Оставаме успешна година зад нас, имаме просечен раст на бруто плати од 20% и 18.000 работни места е превземен од МАКФАКС.