На денешната прес-конфернција на министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски, беше презентирана целокупната поддршка која министерството ја дава за производителите на тутун.
Во ек на откупот на тутун, ние повторно интервениравме само со цел да го заштитиме производството, рече Николовски.
Појасни дека како и секоја година, така и оваа, навремено уште пред почетокот на откупот започнати се разговорите меѓу откупувачите и производителите за годинешниот откуп на тутунот.
„Како министер пред откупувачите истакнав дека и оваа година очекувам фер и праведна цена на тутунот. Ова мое очекување беше темелено на информациите за количините и квалитетот на тутунот оваа година. Исто така во предвид мора да ја земеме и минатата година кога целиот тутун во најголем дел беше откупен од откупувачите во прва класа, а државата исплати кон тутунарите рекордни 26 милиони евра субвенции. Цените со кои започна годинешниот откуп лично ги сметам за мали и токму затоа, како министерство овој период сме ги гледале сите можности за да допринесеме и помогнеме оваа цена да биде поголема“ изјави Николовски.
Информира дека на вчерашната седница, бордот на директори на Тутунскиот комбинат Прилеп донел одлука да ги зголеми за 10% цените за откуп на тутунот од веќе договорените цени. Очекува ваквата одлука на Тутунскиот комбинат Прилеп да ја следат и другите компании при откупот на тутунот.
„Дополнително како министертство планираме зголемување на субвенциите за дополнителни 20 до 30 денари, по класи за предаден тутун, ставајќи го на располагање повторно истиот буџет од 26 милиони евра, постигнувајќи оваа година рекордни субвенции за тутун по класи.
Достигнуваме рекордна субвенција на тутунот за прва класа , очекувам за прва класа субвенцијата за откупен килограм тутун да изнесува меѓу 100 и 110 денари зависно од пресметките кои ќе ги направиме на крајот од откупот на тутунот, кој што верувам дека после овие одлуки и ќе започне и бргу ќе заврши“ изјави Николовски.
„Во 2024 година за тутунарите, покрај субвенционирањето по класи, даваме нова можност за поддршка креирајќи нова мерка за основна субвенција по пријавена површина во висина од 6.000 денари по хектар. Сите тутунопроизводители ќе можат во исто време заедно со другите земјоделци да аплицираат и да пријават површини по хектар и на овој начин да го стекнат правото за оваа нова мерка, основна субвенција од 6.000 денари по пријавен хектар. Заедно и оваа година ќе имаме уште еден успешен откуп на тутунот, почитувајќи и вреднувајќи ја маката на тутунопроизводителите“, рече Николовски.
Текстот Николовски: Тутунарите некогаш не сме ги оставиле сами, и оваа година очекувам фер и праведна цена на тутунот е превземен од МАКФАКС.