Министерот за здравство д-р Фатмир Меџити преку видео обраќање на сите граѓани им ја честита новата 2024 година, посакувајќи им многу здравје, мир и благосостојба.
Во своето обраќање, Меџити се осврна и на реализираните проекти што ја одбележаа 2023 година.
Тој информираше дека годинава започна реформата во примарната здравствена заштита со што пациентите веќе не мора да одат кај специјалисти за основни потреби, а матичните лекари се чувствуваат ценети.
„По 13 години ја ревидираме позитивната листа на лекови. Десет нови лекови ќе се најдат на позитивната листа со што пациентите ќе заштедат пари. Горд сум што за првпат го набавивме лекот Трикафта. Она што никој не веруваше дека ќе се случи е реалност. Лекот од следната година ќе се набавува редовно од Фондот за здравство. Исто така, воведовме и 6 нови лека за пациентите со ретки болести. Се грижиме за сите пациенти подеднакво, лицата со ретки болести не смее да се чувствуваат отфрлено“, вели министерот Меџити.
Меџити, потсети дека токму во 2023 година се обезбедени потребните 650 сензори за безболно мерење на шеќер во крвта.
„Дечињата со дијабетес повеќе нема да мора да се боцкаат, нивниот живот ќе биде поубав и полесен. Сериозно сме посветени на набавка на нова опрема. Направивме двојно зголемување на буџетот за набавка на опрема од 2,6 на 5 милиони евра. Набавена е медицинска опрема во повеќе од 10 здравствени установи. Ги подобривме условите во 11 јавно-здравствени установи. Преку темелно реновирање на Клиниките и болниците низ целата држава, обезбедивме подобри услови за пациентите и здравствените работници. Го враќаме во функција КАТО системот за дозирање и контрола на терапијата кај онколошките пациенти. Никој повеќе нема да може да ги злоупотребува лековите за онколошките пациентите. Ја зачувавме довербата во системот и тоа е многу важно“, изјави Меџити.
Во видео обраќањето, Меџити истакна дека се зајакнуваат капацитетите на Итната медицинска помош со набавка на нови 22 амбулантни возила и потенцираше дека за првпат се овозможи хеликоптерски транспорт за најитните случаи. Сега ќе може брзо да се реагира кога некој пациент ќе биде во животна опасност.
„Два пати ги покачивме платите на здравствените работници. Вложуваме во нашиот вреден кадар, тој е гордоста на јавното здравство. За првпат се казнуваат нерегуларности во здравството! Воведуваме ред со цел поефикасна работа. Со истото темпо продолжуваме и во следната 2024 година. Нека ни се среќни новогодишните и божиќни празници, многу здравје, среќа, мир и благосостојба кај сите!“, истакнува Меџити.
Текстот Меџити: 12 топ проекти во изминатите 12 месеци е превземен од МАКФАКС.