Во две експлозии најмалку 20 луѓе загинаа, а десетици се ранети во близина на гробишта во Иран, каде што се одржа церемонија за смртта на командантот на Иранската револуционерна гарда, Касем Сулејмани, јавува „Ројтерс“ цитирајќи ги иранските државни медиуми.
Сулејмани беше убиен во 2020 година во напад со американско беспилотно летало.
Иранската државна телевизија јави за првата, а потоа и за втората експлозија за време на церемонијата во југоисточниот град Керман наведувајќи дека најмалку 20 луѓе загинале.
Nournews објави дека „неколку плински канистри експлодирале на патот што води до гробиштата“.
Иранските државни медиуми цитираа изјава на локален функционер дека „сѐ уште не е јасно дали експлозиите биле предизвикани од боци со гас или терористички напад“.
Државната телевизија прикажа како спасувачите на Црвената полумесечина им помагаат на ранетите на церемонијата, каде што стотици Иранци се собраа да ја одбележат годишнината од смртта на Сулејмани.
Некои ирански новински агенции јавија дека најмалку 50 луѓе се ранети.
„Нашите тимови за брз одговор ги евакуираат повредените. Но, толпата ги блокира патиштата“, изјави за државната телевизија Реза Фалах, шеф на Црвената полумесечина во провинцијата Керман.
Текстот Најмалку 20 загинати во Иран: експлозии на церемонијата по повод годишнината од атентатот на Сулејмани е превземен од МАКФАКС.