Управата за јавни приходи остро ги демантира наводите од страна на ВМРО ДПМНЕ, во кои се изнесуваат невистини за работата на УЈП и постапката која што ја водат надлежните институции за злоупотреба на даночниот систем, велат од УЈП.
„Изнесувањето неточни и лажни информации од страна на ВМРО ДПМНЕ со кои се манипулира и доведува во заблуда јавноста, нанесува штета на работењето на УЈП. Институциите како и досега за сите случаи постапуваат согласно своите надлежности, и тоа го прават во интерес на граѓаните. Апелираме јавноста да не потпаѓа на овие манипулации и да ги следи официјалните информациите кои доаѓаат директно од институциите“, пишува Управата за јавни приходи.
Претходно реагираа и од СДСМ.
„Предвремено изнесување паушални, неточни и непроверени работи како што прави ДПМНЕ ја загрозува постапката и опозициската партија треба да престане со дезинформации да прави штета. Сите инволвирани во овој случај ќе сносат одговорност согласно законите. ДПМНЕ треба да одговори за испупувањето на парите кои нивните градоначалници ги првата низ општините, каде за машини кои вредат 2-3 илјади евра се трошат по 50 илјади евра“, се вели во партиската реакција.
Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски, утринава на прес конференција рече дека систем од компании подолг период црпеле пари по основ на поврат на ДДВ со фиктивни фактури и го оштетиле Буџетот за милиони.
„Во мрежата од компании кои испумпале милиони често се менувале одговорни лица и сопственици. Во поголем број од случаите истите се лица кои што се од наши соседни земји и кои тешко се лоцираат. Буџетот е оштетен, а државата тешко без кривично гонење ќе може да ги поврати исплатените милиони, бидејќи компаниите преку кои се штанцани фиктивните фактури и се испупмани пари немаат имот за од истиот да се наплати долгот. Со жалење констатираме дека системот на контролен механизам во институциите е нефункционален, а тоа го потврдуваат случаите минатата година процесуирани од обвинителство за фиктивно фактурирање и злоупотреба на службена положба. Криминалните мрежи преку фиктивна документација како и фиктивни фактури и фиктивна евиденција, го исцрпуваат даночниот потенцијал од Буџетот, а сведоци сме дека државните институции кои се задолжени да го контролираат истото изминатите години немаат преземено никакви мерки“, кажа тој.
Текстот Демант од УЈП за изнесните наводи на ВМРО-ДПМНЕ е превземен од МАКФАКС.