По повод одбележувањето на големиот празник Свети Трифун кој се слави како закрилник на земјоделците, градините и лозјата, министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски денеска присуствуваше на закројување на лозјето и света литургија, во село Марена, кавадаречко. На настанот присуствуваше и министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска, заменик министерката за правда, Викторија Аврамовска Мадиќ, како и пратеници од регионот, директори на институции, лозари и многу други гости.
Настанот се одржа во заедничка организација на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и македонски семејни винарии.
Во 2023, според него, остварен е девизен прилив од 57,7 милиони евра. Споредено со минатата година, сме извезле вино со поголема вредност, што значи дека нашите вина се повеќе добиваат повисока откупна цена.
„Денеска, благодарение на добрите политики, ние имаме рекордна бројка од 173 мали семејни винарии или вкупно 255 регистрирани винарски визби, а минатата година сме имале 164. Значи само за една година, сме мотивирале создавање на нови 91 винарии, да се охрабрат и да започнат сопствен бизнис. Тоа се 91 семејства, кои традиционалната пракса на производство на вино во домашни услови ја претвориле во мал бизнис. Наспроти нечии зборови дека никогаш не било полошо, напротив, овие бројки говорат дека никогаш не било подобро“ посочи Николовски.
„Изминативе две години доделивме 145 договори за грант до 10.000 евра за мали семејни винарии со што им помогнавме да набават опрема за производство. Ова беше силен мотив за малите семејни винарии со капацитет до 50.000 литри, да започнат сопствен бизнис и да прераснат во оригинални вински брендови. Од оваа година имаме и многу нови мерки и зголемена поддршка за сите.
Ја чуваме нашата домашна автохтона Станушина со поддршка од 5000 денари по хектар. Ги мотивираме лозарите со субвенции од 60.000 денари по хектар, зелена нафта 100%, односно 9600 денари по хектар, 60 милиони денари за промоција на македонските вина низ светот, нов Закон за вино што гарантира откупна цена на грозјето, нова стратегија, нова програма за финансиска поддршка за развој на лозарството и винарството, каде се предвидуваат дополнителни мерки согласно политиките на Европската Унија. И оваа година токму на Свети Трифун, лозарите први ги добија субвенциите. На сметките на 9741 лозар, исплатени се 442 милиони денари“, нагласи Николовски.
Текстот Николовски на закројување на лозјата во Марена: Во секторот лозарство и винарство никогаш не било подобро е превземен од МАКФАКС.