Македонските граѓани, сепак, ќе може да патуваат со личните карти со старото име во БиХ, информираше Бојмацалиев

Македонските граѓани, сепак, ќе може да патуваат со личните карти со старото име во БиХ, информираше Бојмацалиев

пред 11 месеци

Дополнителниот заменик министер за внатрешни работи, Митко Бојмацалиев, оствари телефонски разговор со министерот за безбедност на Босна и Херцеговина Ненад Нешиќ, а во врска со одобрувањето на Босна и Херцеговина за патување на македонските граѓани со лична карта.

Бојмацалиев информираше дека со министерот Нешиќ разговарале во насока на тоа во Босна и Херцеговина да може македонските граѓани да патуваат со лични карти со старото име, почитувајќи ја Спогодбата помеѓу Владата на Република Северна Македонија и Советот на Министри на Босна и Херцеговина за условите за патување на државјаните на двете земји, потпишана во 2018 година.

Во оваа прилика Бојмацалиев го истакна значењето на градење мостови со пријателските земји, и рече дека оваа можност е во рамките на засилената соработката и унапредените односи помеѓу Република Северна Македонија и Босна и Херцеговина во изминатиов период, како и тоа дека истата пракса е веќе воспоставена и со, Република Србија, Албанија и Косово каде што се дозволува влез со лична карта со старото име на државата.

Воедно, Бојмацалиев потенцираше дека МВР е подготвено да стори се’ што е потребно за да им се овозможи на граѓаните да ги остварат сите свои со Устав и со закон загарантирани права.

Минатата недела, министерот за надворешни работи, Бујар Османи, информираше дека бил доставен официјален допис од Босна, дека на нејзината територија повеќе нема да бидат валидни пасошите и личните карти со старото име на државата.

Текстот Македонските граѓани, сепак, ќе може да патуваат со личните карти со старото име во БиХ, информираше Бојмацалиев е превземен од МАКФАКС.