Ерлинг Халанд денеска се појави на прес-конференцијата пред утрешниот реванш осминафиналето на Лигата на шампионите меѓу Манчестер Сити и Копенхаген. Првиот натпревар во Данска заврши со победа на Сити 3:1. Бидејќи Сити веќе се во четвртфиналето, главна тема беше иднината на Халанд.
„Навистина сум среќен во Манчестер Сити. Особено затоа што сум опкружен со одлични луѓе, тренери, директори, соиграчи… Група неверојатни луѓе. Се разбира, никогаш не се знае што носи иднината, но повторно велам: Среќен сум овде. Еве сега можете сите да пишувате, вистината е дека сум среќен“, изјави Халанд.
Сепак, тоа не беше доволно за новинарите бидејќи еден од нив го праша напаѓачот на Манчестер Сити дали ќе го продолжи договорот со англискиот клуб.
„Мојот фокус е само на теренот, имаме уште многу натпревари. Пред два дена го одигравме дербито, сега следува Лигата на шампионите, па Ливерпул во недела. Мислам дека сите треба да се фокусираме на тоа“, додаде Норвежанецот.
Инаку, овој 23-годишен фудбалер има договор со англискиот клуб до летото 2027 година, а неговата моментална пазарна вредност е околу 200 милиони евра.
Во досегашниот дел од сезоната, неверојатниот Норвежанец постигна дури 28 гола на 31 натпревар во сите натпреварувања и успеа да забележи уште шест асистенции.