Лозарите добиваат гарантирана откупна цена на винското грозје, Собранието го донесе новиот закон за вино

Лозарите добиваат гарантирана откупна цена на винското грозје, Собранието го донесе новиот закон за вино

пред 9 месеци

Собранието на Република Северна Македонија на денешната седница со 64 гласа „за“ го донесе новиот закон за вино, предложен од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство. Исполнивме уште еден даден збор пред лозарите, велат од МЗШВ.

Новиот закон за вино во целост е усогласен со одредбите на европското законодавство во делот на воведувањето нови производи од вино, како органско вино и ароматизирани вински производи.

Македонското вино најмногу се извезува кон земјите членки на Европската Унија и токму овој нов закон придонесува непречено да се зголеми, но и олесни извозот на македонско вино и производи од вино кон ЕУ.

Законот за вино во целост е на страна на лозарите решавајќи уште еден голем проблем за лозарите, а тоа е откупната цена. Со новиот закон за вино првпат се утврдува гарантирана производната цена на винско грозје за килограм најдоцна до 15 јули во тековната година и тоа за најмалку две најзастапени сорти. Пресметката на трошоците за производство на килограм винско грозје на определена површина и соодветен квалитет, во согласност со дадена методологија, се предвидува да ја врши високообразовна или научна институција од областа во земјоделството, соопшти МЗШВ.

Новиот закон предвидува и креирање нова годиншна, посебна програма за финасиска поддршка во лозарството и винарството, каде што преку конкретни мерки уште повеќе треба да се развиваат овие два значјни сектора.

Системот на заштитата на географските индикации на виното во целост е усогласен со европското законодавство. Новиот закон за вино во овој дел предвидува тие да се заштитуваат на национално и меѓународно ниво, со заштитена ознака за потекло или заштитена географска ознака. Традиционалниот назив на виното, на национално и меѓународно ниво, се заштитува со традиционална ознака.

Вината со географска ознака ќе треба да исполнуваат одредени барања во однос на квалитет или геогравски карактеристики, односно да бидат произведени од грозје што потекнува исклучиво или во најголем дел од дефинираното географското подрачје и производството на вино се одвива во дефинираното географско подрачје. Во насока на заштита на географските индикации на виното областите погодни за производство на вино во законот се делат на региони и реони и виногорја, локалитети, месности.

Производството на вино со географска ознака ќе биде следено од сертификациони тела, кој процесот ќе го верифицираат во сите фази почнувајќи од самиот почеток на производство на грозје до производство на вино со географска ознака. Сите заштитени ознаки на потекло и нивните корисници ќе бидат регистрирани во соодветен регистар во МЗШВ.

Министерот Николовски упати благодарност до сите фактори во креиарањето на новиот закон за вино, лозарите и земјоделските здруженија, стручната и научната јавност и винарниците.

Новиот закон за вино заедно со десетгодишната стратегија за развој на винарството и лозарството трасираат нов пат и сигурен развој на двата сектора – винарство и лозарство, преку стабилно произвдоство на винско грозје со мотивирани лозари, потоа зголемен извоз на македонско вино и уште повисоко позиционирање на светската винска мапа, се наведува во соопштението на МЗШВ.

Текстот Лозарите добиваат гарантирана откупна цена на винското грозје, Собранието го донесе новиот закон за вино е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top