Француските власти поведоа итна истрага кога тројца тинејџери претепаа 14-годишно девојче пред училиштето што го посетува на југот на Франција поради што тоа беше тешко повредено и заврши во кома, објави „Гардијан“.
Полицијата привела тројца малолетници за убиство во обид, меѓу кои и девојче од истото училиште со жртвата. Девојчето, кое исто така има 14 години, признало дека ја претепало жртвата. Другите двајца уапсени малолетници се на возраст од 14 и 15 години.
Обвинителите подоцна објавија дека 14-годишната Самара се разбудила од кома, но дека по нападот, добила сериозни повреди.
Хасиба, мајката на жртвата, изјави дека ученичката од училиштето ја малтретирала ќерка ѝ две и пол години бидејќи таа се облекувала и се однесувала премногу слободно за исламот.
„Всушност, не ги разбирам причините зошто тоа дете постојано ја напаѓа Самара. Мислам дека тоа е така затоа што Самара е малку послободна од некои ученици“, рекла мајката, пренесува „Гардијан“.
Никол Белубе, министерката за образование, нареди истрага, а инспекторите од нејзиното министерство ќе имаат рок од осум работни дена да известат за околностите на нападот.
„Оваа мисија ќе има цел да ги утврди вистинските факти и одговорност“, изјави таа.
Францускиот претседател Емануел Макрон изрази солидарност со нападнатото девојче, но повика на претпазливост при донесувањето заклучоци за околностите на нападот.
„Во оваа фаза од истрагата би бил внимателен. Сакам во мир да се утврди целосната вистина и тогаш да се извлечат заклучоци“, рече Макрон.
Текстот Тинејџери претепаа девојче (14) пред училиште во Франција, од повредите завршило во кома е превземен од МАКФАКС.






