Полјаците гласаат денеска на локални избори, на кои избираат илјадници советници и градоначалници кои ќе имаат клучна улога во распределбата на милијарди евра од средствата на Европската Унија, а исходот ќе претставува ран показател за задоволството на граѓаните од владата на Доналд Туск.
Назначувањето на Туск за премиер во декември беше пресвртница за најголемата земја на истокот на Унијата, ставајќи крај на осумгодишното националистичко владеење кое редовно се судри со западните сојузници и враќајќи ја земјата од 38 милиони на проевропски курс.
Широката коалиција предводена од Туск освои мнозинство на парламентарните избори во октомври со ветувањата дека ќе ги поддржи правата на жените и малцинствата и ќе ги повлече реформите во судството на претходната влада, кои критичарите велат дека ја поткопуваат независноста на судството.
Туск ја опиша победата на неговата либерална Граѓанска коалиција (КО), најголемата група во владејачката коалиција, како клучна доколку Полска сака да избегне повторно да биде под националистичкото владеење на партијата Право и правда (ПиС). „Нашиот сон, некогаш убав сон, но сега се повеќе и повеќе реалност, може да заврши преку ноќ“, рече тој на митинг во Варшава во петокот, пред почетокот на изборниот молк.
„Ако некој верува дека слободата, човековите права, правата на жените, демократијата, слободна економија, самоуправа, дека сето тоа е трајно, дека само ќе се бранат, повторно ќе го изгубиме“. ПиС постојано ги отфрла обвинувањата дека ја поткопува демократијата и човековите права. Бидејќи трите политички сојузи кои ја формираат владејачката коалиција учествуваат на изборите одделно, тие се и можност за Туск да гарантира доминација на КО во владата.
Иако Туск деблокираше милијарди европски средства замрзнати поради загриженоста за владеењето на правото и почна да ги реформира судството и државните медиуми, тој се соочи со критики за неисполнување на бројните предизборни ветувања, како и прашања за законитоста на некои реформи, особено во однос на медиумите. Вториот круг од изборите за градоначалник ќе се одржи на 21 април.
Текстот Денешните локални избори во Полска ќе покажат колкава поддршка има новиот премиер Туск е превземен од МАКФАКС.