Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, од денес, па до крајот на неделава, ќе биде домаќин на украинската делегација, предводена од заменик-министерот за земјоделска политика и храна на пријателска Украина, Маркијан Дмитрасевич.
„Нашата држава е посочена од Европската комисија како една од земјите која е на најнапредно ниво во делот на усогласеноста на земјоделскиот сектор со европските земјоделски политики и законодавство и користењето на средствата од ИПАРД во однос на другите земји кандидати за членство во ЕУ, што ме прави особено горд и е само уште една потврда за добро завршената работа“, изјави по средбата министерот Николовски.
Од некогаш заробена и изолирана држава, рече Николовски, денес Република Северна Македонија е земја пример, која своето искуство го пренесува на другите земји.
„Ми преставува особена чест што нашето искуство ќе имаме можност да го споделиме токму со украинската делегација, со цел полесно да ги приспособат своето земјоделство и политиките кон барањата на Европската Унија“, изјави министерот Николовски.
Украина е во почетна фаза на правните приспособувања кон законодавството на Европската Унија во делот на Законот за земјоделството, воспоставување платежна агенција и ИАКС, како и користење на претпристапните средства од ЕУ.
„Работната посета на украинската делегација треба да ѝ овозможи размена на македонските искуства за успешно воспоставување на политиките и системите во делот на Интегрираниот систем за администрација и контрола на државната поддршка во земјоделството и руралните средини (ИАКС), искуствата од воспоставување ЕРЗС, ЛПИС и ФАДН, подготовките за користење на ИПАРД-програмата и функционирањето на Платежната агенција“, изјави министерот Николовски.
За време на официјалната посета, украинските колеги, ќе остварат посета на Платежната агенција, а на теран презентирана ќе биде успешна ИПАРД-приказна, претставена преку винарницата „Мовино“ во Росоман. Дополнително, украинските колеги ќе бидат запознаени со функционирањето на подрачните единици на Министерството, како и со придобивките од спроведувањето на процесот за консолидација на земјишните парцели во Пелагонија.
Двајцата министри на денешната средба разговараа и за зголемување на заедничката соработка меѓу двете држави во делот на трговската размена.
„Минатата година потпишавме измени и дополнувања на договорот за слободна трговија за натамошна либерализација на трговијата со земјоделско-прехранбени производи, со што овозможивме целосна либерализација за извоз во Украина на македонските домати, зелка, краставици, грозје и јаболка и увоз на украински месо и месни производи, како и производи од маслодајни култури. Со измените се постигна многу поголема либерализација во врска со правилата за потекло, односно ако досега за извоз и увоз се користеа само суровини со потекло од Македонија и Украина, со овие нови правила се овозможи да се користат и ЕУ-суровини. А ова значително влијае на зголемување на трговската размена и девизниот прилив“, изјави министерот Николовски.
Министерот Николовски изрази благодарност за честа да ѝ бидеме домаќини на украинската делегација посакувајќи овие неколку дена да уживаат во убавините на Македонија додавајќи дека посакува да се оствари заедничката желба набргу двете држави да бидат заедно во Европската Унија како рамноправни членки на европското семејство.
Текстот Николовски: Украинци во Македонија учат како полесно да ги приспособат своите земјоделски политики со барањата на ЕУ е превземен од МАКФАКС.