Вечерва во Мадрид ќе биде познат вториот финалист во Лигата на шампионите.
На стадионот „Сантијаго Бернабеу“ ќе се сретнат Реал Мадрид и Баерн Минхен во реваншот од полуфиналето на Лигата на шампионите.
Првиот натпревар одигран на Алијанц Арената заврши со резултат 2:2.
„Кралскиот клуб“ ќе влезе покомплетен во натпреварот со оглед на тоа што надвор од терените ќе биде само Давид Алаба.
Од друга страна, Томас Тухел нема да може да смета на Рафаел Гереиро и Кингсли Коман, додека знак прашалник ќе биде Дајот Упамекано.
Мадриѓаните сигурно ќе влезат во натпреварот како фаворити, но Баерн покажа дека има доволно квалитет да ги изненади своите ривали и да се обиде да стигне до своето прво финале по 2020 година.
Баерн и Реал досега имаат одиграно 27 натпревари во Лигата на шампионите, што го прави нивното ривалство најголемо во историјата на ова натпреварување.
Во претходните полуфинални натпревари Баерн беше поуспешен и во четири наврати одеше понатаму, додека Реал три пати стигна до финалето кога Баварците му биле противник во полуфиналето. Реал ги доби последните две меѓусебни соочувања во полуфиналето.
Реал е за нијанса подобар во вкупниот скор со 12 победи, додека Баерн има 11, четири натпревари завршиле нерешено.
Победникот на 1. јуни во Лондон на „Вембли“ стадионот, против Борсија Дортмунд ќе игра за европската круна.