Силјановска-Давкова го победи Пендаровски со разлика од 308.632 гласа, разликата што тој ја направи во 2019 година беше 58.210 гласа

Силјановска-Давкова го победи Пендаровски со разлика од 308.632 гласа, разликата што тој ја направи во 2019 година беше 58.210 гласа

пред 7 месеци

Според последните податоци од Државната изборна комисија (ДИК), во вториот круг од седмите претседателски избори во земјата Гордана Силјановска-Давкова освои 308.632 гласа повеќе од противкандидатот Стево Пендаровски. Од обработени 99,09 отсто од избирачките места i 99.82 отсто обработени избирачи, за неа гласале 560.173 граѓани, а Пендаровски доби 251.541 глас.

Со поголема разлика во гласовите за претседател беше избран само Киро Глигоров во 1994 година. Тој имаше 517.978 гласа повеќе од противкандидатот Љубиша Георгиевски. Беше избран во првиот круг со освоени 715.087 гласа, а Георгиевски освои 197.109 гласа.

На претседателските избори во 2019 година, кога Пендаровски и Силјановска-Давкова првпат се соочија и влегоа во вториот круг, Пендаровски победи со историски најмала разлика во гласовите од сите досегашни претседателски избори. Доби 58.210 гласа повеќе од Силјановска-Давкова, односно тој во вториот круг освои 435.656 гласа, а Силјановска-Давкова имаше 377.446 гласа.

Во 2014 година Ѓорге Иванов вториот мандат во вториот круг го доби со разлика од 136.834 гласа. Тој освои 534.910 гласа, а Пендаровски, кој тогаш првпат се кандидира за претседател, доби 398.076 гласа.

Со разлика од 188.788 гласа Ѓорге Иванов го доби првиот претседателски мандат во 2009 година. Тој освои 453.616 гласа, а Љубомир Фрчковски 264.828 гласа.

221.138 гласа беше разликата со која Бранко Црвенковски го победи Сашко Кедев на изборите во 2004 година. Тој освои 550.317, а Кедев 329.179 гласа.

Борис Трајковски во 1999 година го победи Тито Петковски со 69.194 гласа разлика. За Трајковски имаше 582.808, а Петковски доби 513.614 гласа.

Текстот Силјановска-Давкова го победи Пендаровски со разлика од 308.632 гласа, разликата што тој ја направи во 2019 година беше 58.210 гласа е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top