Адвокатот Јанаки Митровски преку својот фејсбук-профил сподели информација за тоа дека во Граѓанскиот суд, односно на судење, починал негов колега адвокат.
„Бев сведок на исклучително непријатна ситуација. Чекајќи судење на првиот кат во скопскиот Граѓански суд во 9 наутро, одеднаш се слушна силен тресок и колега адвокат падна на земјата пред моите очи. Притрчавме повеќе луѓе, го полија со вода, но колегата помодре на ликот и не даваше значи за живот. Друг колега не можеше да му го најде пулсот. Викнаа брза помош, која, секоја чест, дојде за шест минути, но, за жал, не успеаја да го реанимираат и човекот си почина на работното место. Лесна му земја“, напиша тој на социјалните мрежи.
Алармира дека се работи за исклучително стресна професија, која секојдневно го зема данокот.
„Навистина сакам да алармирам, мимо сите гнусни стереотипи околу адвокатурата, дека се работи за исклучително стресна професија, која секојдневно зема данок. Баталете ги предрасудите дека отвараш канцеларија и пари врнат, реалноста е дијаметрално спротивна и адвокатскиот леб е многу горчлив.
Воедно, сакам и да апелирам до постарите колеги и колешки (починатиот колега имаше 68-70 години), дека нема потреба да се работи до смрт. Лично немам никаква намера да работам адвокатура по моите педесет и две-три години.
Премногу се вознемирив и сѐ уште сум, вечна му слава на колегата и сочуство до семејството.
П.с. Меѓу другото, од овие причини сум реактивен кога нереализирани и искомплексирани бубалици со џуџест раст ми ја сатанизираат професијата, без два дена пракса. Бујрум, нека отворат канцеларија една година, ќе правиме муабет“, додава тој во својата објава.
Текстот Митровски објави дека адвокат му починал пред очите: „Помодре и не даваше значи за живот, колега почина на работното место“ е превземен од МАКФАКС.





