Руските власти ги обвинија САД дека сакаат да распоредат оружје во вселената, еден ден откако Советот за безбедност на ОН ја отфрли нацрт-руската резолуција на оваа тема и по сличното обвинување од Вашингтон до Москва.
Тие обвинувања и контраобвиненија ги оживуваат стравовите, отсутни уште од Студената војна, за можна трка во вооружување и покрај постоењето договор за вселената од 1967 година, кој повикува „да не се развива нуклеарно оружје или кое било друго оружје за масовно уништување специјално за сместување во орбита“.
Портпаролката на руската дипломатија, Марија Захарова, оцени дека американското отфрлање на нацрт-резолуцијата покажува дека САД имаат цел „да го стават оружјето во вселената и да го направат арена на воена конфронтација“.
„Пропуштена е нова можност да се спречи трката во вооружување во вселената по вина на САД и нивните сојузници“, рече Захарова.
Во април САД и Јапонија претставија своја нацрт-резолуција до Советот за безбедност на ОН за да се спречи милитаризација на вселената, но Русија стави вето, критикувајќи го фактот дека текстот се фокусира само на еден вид оружје – нуклеарното оружје.
Нацрт-резолуцијата претставена од Русија и Кина во понеделникот, која делумно го содржи текстот блокиран во април, исто така ги повикува сите земји членки да преземат итни мерки за трајно да го спречат поставувањето оружје во вселената и заканата или употребата на сила во вселената.
Сепак, тој нацрт не ги собра деветте гласа потребни за усвојување.
Американскиот заменик-амбасадор Роберт Вуд ја нарече руската иницијатива лицемерна велејќи дека Москва сака „да го одвлече вниманието од нејзините опасни напори да го стави нуклеарното оружје во орбитата.
Во февруари Белата куќа даде гаранции дека Русија развива антисателитско нуклеарно оружје, обвинувања што Москва ги отфрли.
Текстот „САД сакаат да распоредат оружје во вселената и да ја направат арена на воена конфронтација“: Русија со обвинувања до САД е превземен од МАКФАКС.